Нашминкајте се во боите на мундијалот и бидете вистинска фудбалска дива!

5 јули 2014

Во пресрет на вечерашните натпревари од светското фудбалско првенство, ние го имаме вистинскиот предлог за вас! Доколку не сте обожавателка на фудбал, а сакате да уживате со друштвото додека тие навиваат за нивниот омилен тим, вечерва изненадете со тематска шминка која по завршувањето на фудбалот ќе ја „прошетате“ низ град!

Светското фудбалско првенство им послужи како инспирација на бројни светски модни куќи кои своите и онака богати палети на шминки ги надополнија со боите на знамето на Бразил и претставија феноменални, нови стилови на шминкање.

Во текот на мундијалот, визажистите предлагаат да пробате навистина смели комбинации на бои. Очите исцртајте ги со сенки во јаки бои, а усните со кармин во интензивна портокалова или розова нијанса.

Обидете се вечерва да го изненадите друштвото со еден од следните избори:

*На очите направете комбинација од зелена и жолта сенка. Едната боја нанесете ја на работ од трепките, а другата на надворешниот дел од окото. Нанесете маскара, а ако сакате уште повеќе да ги истакнете очите, ставете вештачки трепки, а за најсмелите, црната маскара заменете ја со зелена или жолта!

*Она што можете да го направите, а со што ќе изгледате подеднакво спектакуларно, е да употребите туш во боја! Одберете таков во жолта или зелена нијанса, а усните истакнете ги со кармин во неонска боја, а за да не претерате овој пат употребете црна маскара.

*За дамите со потемна кожа, шминкерите предлагаат комбинација од силни металик нијанси. Тоа значи дека очите се во преден план, а покрај сенките во карактеристичните тонови, сега ставете и ајлајнер. Можете да нанесете и мрсни сенки, што се особено популарни во ова време од годината, бидејќи многу подолго издржуваат на високи температури.

*Жолтата и зелената шминка можете да ги надополните и со актуелните и ведри флуоресцентни бои. На пример, очите нагласете ги со виолетова, небесно сина, портокалова или сенка во некоја од вашите омилени бои.

*Со ваквата шминка, комбинирајте руменило во нежно розова боја, во нежна портокалова и „праска“ боја.

Совет плус: Доколку имате време и сте огромен фан на фудбалот, сега е вистинско време и за „фудбалски“ маникир. Одберете ги боите на вашиот тим и обојте ги ноктите за поведро расположение!

Објавено:
5 јули 2014
Категорија: 
Убавина