Мега кастинг – стотина девојки посакаа да бидат заштитно лице на Елена Лука

9 јули 2014

Неодамна најавивме дека модната куќа Елена Лука е во потрага по нови лица кои во иднина ќе бидат ангажирани како модели за нови рекламни кампањи и фотосесии. За таа цел беше создаден проектот „Биди и ти Елена Лука лице“ од кој сите девојки што исполнуваат одредени критериуми можеа да влезат во потесна селекција од големиот избор. Тоа дека многу девојки  имаат амбиција да станат фото модели, а истовремено им се допаѓа брендот, покажа  вчерашниот мега кастинг.  Во продажниот салон на докажаниот македонски моден бренд пристигнаа многу кандидатки  кои како што велат решиле да си ја пробаат среќата и да ја задоволат својата голема желба да бидат заштитно лице на реномиран и докажан бренд.

 

Секоја од пријавените,  пред тимот од модната куќа објасни зошто сака да стане модел, ги покажа манекенските способности  во чекорење и позирање , трудејќи се за претставување во најдобро светло кое ќе ја импресионира  групата  модни експерти.

Во изјава за Fashionel  одговорните  од Елена Лука велат дека се изненадени од огромниот број пријавени, а истовремено се задоволни што имаат доста работа додека се направи финалниот избор, од кој пак  ќе бидат избрани неколку девојки кои најблиску ги исполнуваат поставените критериуми.

-Веќе подолго време модната куќа Елена Лука е во потрага по ново лице, кое досега не е искористено и употребувано. Ние постојано сме во потрага по нешто ново, истражуваме, создаваме, па така тимот на Елена Лука се одлучи да создаде ново лице, кое ќе биде заштитно и ќе се користи за сите поголеми наши кампањи. Сакаме тоа лице да созрее со нас, да биде дел од нашиот тим, да биде Елена Лука. Имаше пријавено преку стотина девојчиња, што искрено, навистина позитивно не изненади бројката. Тоа пред се’ докажува дека македонската јавност ја следи нашата работа, ја почитува и сака да биде дел од нас. Од пратените апликации направивме селекција. Тимот на Елена Лука се радува на секој нов проект што ќе се направи, бидејќи се работи со огромна љубов. Неколку девојчиња влегоа во потесниот круг, па сега ќе биде тешко да се направи вистинскиот избор на правото заштитно лице на Елена Лука, вели дизајнерката Маја Кикириткова.

Она што сигурно ги интересира многуте девојки што се пријавија, е како ќе течат понатамошните чекори од изборот на оние што ги  задоволија условите и ги освоија симпатиите. Илија Илов од маркетинг секторот на модната куќа вели дека моментално се работи на завршните селекции и тоа дека во опција е да бидат избрани не една туку неколку девојки.

-„Еден ден сите ќе бидат славни“- Енди Ворхол. Денешната максима на Елена Лука беше токму таа, да создадеме простор за секој да се почувствува свој. Ние на младите девојки им нудиме можност, да се видат и да се пронајдат во општеството. Притоа не ги условуваме на било каква нехумана експонација и се комплетно заштитени. Ние на нашите лица им покажуваме за големината на нивниот дух. Секој може да ја достигне својата желба, секој може да стане наше заштитно лице. Поради големиот интерес ние ќе ја продолжиме нашата потрага по заштитно лице, наскоро преку Вашиот портал ќе соопштиме за сите нови детали, објаснува Илов.

Следете ги содржините на Fashionel  и први дознајте ги најновите информации поврзани со оваа голема и необична кампања на секогаш уникатната Елена Лука.

 

 

Објавено:
9 јули 2014
Категорија: 
Актуел