Модниот свет се сеќава на Џани Версаче: 17 години по трагичната смрт!

18 јули 2014

15 јули 1997 година во модниот свет ќе биде запаметен како датум кога светот остана без еден од најдобрите и најкреативните дизајнери што било кога постоеле.

Овие денови светот се сеќава на неговите најпознати креации, ревии, соработки и беспрекорни дизајни какви што само тој знаеше да направи.

Големиот Версаче загина во јули 1997 – та година, кога беше застрелан со два куршуми пред неговата вила во Мајами од непресметливиот Ендру Кананан.

Версаче дефинитивно беше креаторот на елагантната женственост, на најубавите пеплум фустани, на колоритните принтови и на сета онаа хармонија од бои и неверојатни материјали пресликани во совршени креации. Токму поради тоа, тој многупати од магазините ширум светот беше нарекуван „Императорот на соништа“.

Неговата дизајнерска кариера започна во 1978 – та година кога креативниот Версаче го отвори својот прв бутик кога неговата најголема инспирација бил уметникот Енди Ворхол.

Оттогаш, маестралниот Версаче е обожуван од голем број познати личности кои непрестајно му се восхитуваат на неговата работа. Тој многу брзо стана пријател со единствената Принцеза Дајана, Мајкл Џексон, Мадона, Елтон Џон, Џорџ Мајкл, но и со неговите музи – модели како Наоми Кемпбел, Кристи Тарлингтон, Хелена Кристенсен, Синди Крафорд, но и многу други.

Фасцинантниот дизајнер зад себе остави модна империја вредна 500 милиони долари, од кои 50 проценти на неговата внука Алегра Версаче. Неговата сестра Донатела Версаче, која своевремено беше и негова муза, по смртта на нејзиниот брат ја презема модната империја со која раководи и денеска и врши одлична работа, додека неговиот брат Санто стана главен и извршен директор.

Во продолжение, погледнете ги највпечатливите фотографии од некои од најдобрите креации на Версаче, фотографии и дружби со неговите омилени познати личности.

Објавено:
18 јули 2014
Категорија: 
Актуел