Како супкултурните движења влијаеле врз модните бранувања

25 јуни 2013

Суштината на нашиот визуелен идентитет не е ниту во недефинираното следење на трендовите ниту во формалноста на прашањето-Што да облечам? Темата на приказната има многу подлабока основа.

Идентитет. Припадност. Печат.

Човечката природа има свои дефиниции меѓу кои едната се однесува на постојаното прибежиште, припадност кон одредена група, класа, општествен слој, супкултура-онаму каде што се чувствуваме свои и сигурни. Стилот на облекување, уметноста на комбинирање, посветено изградениот имиџ се најдопирливите, основни белези на нашето припаѓање.

Историјата на модата бележи бројни периоди кога одредени супкултурни движења го насочувале текот на модните бранувања. Од шарената космополитска хипи ера до строгиот анархистички од на панкот.

 

Многу бои, апстрктни форми и цвет во коса-ХИПИ ЕРА

"Децата на сонцето" во  поствоениот период  при крајот на 60-те години од минатото столетие во САД, го предводеа движењето за мир, љубов и слобода. Со шаренилото од бои на својата облека како да сакаа да му се спротивстават на военото сивило. Тоа беше нивната првична цел, но тогаш можеби и немаа претстава колку нивниот лежерен стил, транспарентните кошули, ѕвонарките, несредените коси испреплетени со цветови-ќе влијаат на понатамошните модни приказни и на најзвучните дизајнерски имиња.

Незаборавната колекција на Роберто Кавали за пролет 2011 изобилуваше со хипи мотивации-многу реси, кошули и фустани со ѕвонеси ракави, лесни материјали.

Истата година Емилио Пучи се изјасни-Хипи стилот е тука  за да остане! Долги транспарентни фустани со висок шлиц, марами на глава и длабоко деколте.

Оваа  година славните Ленонки се враќаат како апсолутен моден хит меѓу очилата за сонце и тоа  хиперболизирани  и со огледални стакла во различни преливи на нијанси.

 

Строг и анархистички од – ПАНК

Sex pistols и The Clash беа музички икони во периодот на седумдесетите години кога анархистичкото ПАНК движење беше одбележје на тогашната младина, како отпор на општествените и политички манипулации . Токму со музичката историја на првите се поврзува и името на една од најконтраверзните модни фигури Вивиен Вествуд чии визионерски погледи во дизајнот се инспирирани токму од елементите на ПАНК музиката.

Кожа, многу нитни, патенти, “мартинс” и “четка” на главата се радикалните моменти кои што поставија една нова основа во развојот на модниот израз.

Влијанието на оваа супкултура постојано се провлекува низ годините наназад честопати суптилно, но  во последните неколку сезони е особено  доминантно забележувајќи го  во различни модифицирани варијанти  во колекциите на светските дизајнерски имиња.

Оваа година не случајно темата на престижниот настан Мет Гала, кој меѓу другото се нарекува Моден Оскар, во њујоршкиот музеј Метрополитен  беше-панкот и високата мода, што уште еднаш го потврдува фактот за неговата доминација врз современите модни бранувања.

 

ДИСКО треска

Раните осумдесети години се во знакот на натапираните коси, афро фризурите, светкавите материјали и нагласените рамења. Диско ерата од моден аспект честопати се поистоветува со кич и невкус, но сепак современите дизајни честопати во еден свој момент позајмуваат детали од  целиот тој микс на бои и форми кој милуваме да ги дефинираме како ретро.

Во пролетната колекција на Версаче за 2013 во една смирена доза се чувствува мирисот на диско забавите од доцните 70-ти, но сето тоа спакувано во еден софистициран и гламурозен изглед, допадлив не само за диско дивите.

 

Прогресивни ХИПСТЕР лекции

Школски пример-да се биде хипстер значи да читаш некомерцијална литература, да слушаш проресивна музика и да имаш независни политички погледи, но и да облечеш опуштена кошула, а врз неа џемпер и да комплетираш со трегери и XXL очила со дебели рамки. Хипстер модата е особено актуелна кај младите интелектуалци, но не е исклучена ниту од модните писти.

Објавено:
25 јуни 2013
Категорија: 
Стории