Bella Italia: Насмевката е задолжителен моден додаток на улиците!

23 јули 2014

Дека тие се најмодерниот народ во светот докажува и нивниот стил што и кога се на одмор е беспрекорен.

Она што особено восхитува е тоа што дури и кога некој патува во прекрасната Италија како турист, се обидува да се соедини со толпата правејќи совршени модни комбинации како нив.

Во магичното место Портофино ова лето покрај беспрекорните винтиџ кафулиња, архитектурата што одзема здив, најубавото пристаниште на светот и единствените декорации низ улиците, има и навистина одлични комбинации.

Освен тамошните жители кои ја имаат сета среќа на светот да живеат во волшебно место како што е Портофино, сите туристи од прв до последен навистина посветуваат внимание на она што ќе го облечат.

Со оглед на тамошните температури и прекрасното лето што е во полн ек, низ италијанските тесни улички може да се видат лежерни и лесни парчиња, претежно во бела боја.

За дневните комбинации, помладите скоро секогаш одбираат куси панталончиња што ги комбинираат со лесни маички со принт, но и тантелни и винтиџ долги и куси лелеави фустанчиња.

Мажите низ италијанските улици повторно остануваат на пиедесталот кога станува збор за мешање и комбинирање на принтови, додека постарите Италијанки сѐ уште го имаат епитетот на софистицирани жени вљубенички во белата елеганција.

Она што е навистина за восхит и нешто што секаде треба да е пракса, е тоа што кај Италијанците задолжителниот моден додаток сѐ уште е широката насмевка!

Во продолжение, погледнете ги фотографиите од уличниот стил од Портофино и инпсирирајте се ако ова лето решивте да заминете на одмор во Италија.

Објавено:
23 јули 2014
Категорија: 
Фото галерија