Што да правите ако вашето момче има лош вкус за облекување?

29 јули 2014

Свршеникот на Кели Брук, Дејвид Мекинтош има еден од најлошите вкусови за облекување на кој било кога сме биле сведоци.

Иако и оваа британска ТВ презентерка и модел нема некој особен стил на кој постојано му се воодушевуваме, нејзиниот свршеник Дејвид постојано прави модни злодела за кои понекогаш не можеме да поверуваме дека се случиле (читај, Конверс стартки и хеланки за вежбање!?).

Ако и вам потајно не ви се допаѓа стилот што го гаи вашето момче, а не знаете како тоа да му го кажете, ние ќе ви помогнеме да ја ублажите болката кога ќе му ја соопштите лошата вест.

Со оглед на тоа што тој е вашиот избраник, постојат две опции: или да се навикнете да живеете со неговиот стил, или да го решите тоа што е можно побрзо на начин на кој нема да го навредите и повредите.

Кога станува збор за облека, мажите многу често се радуваат кога некој ќе им помогне при изборот на облека или пак што е уште поубаво и полесно за нив, кога некој ќе одбере наместо нив. Мора да признаете дека тоа ви се случило и вам - кога одите со вашето момче во шопинг, тој многу често ви го предава кормилото и скоро секогаш е задоволен од она што ќе му го одберете, бидејќи го поштедувате од дополнителен замор и токму вие, најдобро знаете што сака.

Ако вашето момче не е од овие, патот што треба да го поминете за да го претворите во сопственик на стилот на Дејвид Бекам (или кој и да е друг на кој му се восхитувате), бара многу трпение, демократски чекори и на крајот, способност да го натерате да мисли дека сето тоа е негова идеја!

Прво, никогаш не кажувајте му дека не ви се допаѓа она што тој го носи – мажите не се справуваат многу добро со критики, па дури и кога се однесува на стилот. Наместо тоа, понекогаш одвојте дел од вашиот шопинг буџет и купете му нешто ново (нормално, по ваш вкус), или пак повикајте го во шопинг каде ќе му ги покажете подобрите избори што се нудат во градот од оние неговите.

Следниот чекор што треба да го направите, е да почнете да му давате комплименти за неговите нови избори на облека и објаснете му зошто е тоа така, на пример:

„Никола, морам да ти признаам дека вчера, во онаа кошула со долги ракави (што јас ти ја купив) изгледаше посекси од кога и да е, не можев да ги тргнам очите од тебе цела вечер! Еве на пример, следниот пат можеш да ја комбинираш со џемпер одозгора и да добиеш целосно нов изглед“.

Ваквото однесување, задржете го неколку месеци, и доколку видите дека нема никакви резултати и дека тој едноставно повторно се враќа на старото, едноставно помирете се!

Коренот на ваквите проблеми лежи во тоа што тој мисли дека она што го носи и дека изборите што ги прави се секогаш многу модерни и дека никогаш не му треба помош (најчесто од гордост). Ако и понатаму продолжи да ја одбива вашата шармантна помош, тогаш, помирете се дека нема големи шанси да го смените она што тој обожува да го носи.

Доколку пак не постојат никакви шанси да се помирите со неговиот стил и ако сметате дека пробавте сѐ што беше можно, бидете брутално искрена и едноставно кажете му дека воопшто не ви се допаѓа неговиот стил на облекување и продолжете понатаму.

Стискаме палци да се оствари првичниот план, бидејќи знаеме како момците реагираат кога сме брутално искрени за некоја работа што не ни се допаѓа, нели!?

Објавено:
29 јули 2014
Категорија: 
Направи сам