Дали уличниот стил остана уличен?

15 август 2014

Ако дефиницијата за уличен стил беше растеретена од мејнстрим трендовите и актуелните тенденции, наместените позирања и комплексот да се биде виден, сега некако  добива токму спротивниот впечаток?

Тежината на терминот „животен стил“ подразбира да останеш доследен на својот имиџ независно дали некој фотоапарат го фокусирал објективот на твојата појава или си некаде далеку од јавниот живот, во удобноста на интимниот животен круг.

Но, она што се' почесто имаме можност да го видиме во богатите фото галерии на тема: Street style, се токму најактуелните тенденции, трендови и модни парчиња комбинирани во имиџот на една индивидуа која позира за фотографите безмалку како за официјален годишен моден каталог, а сето тоа е толку вештачко сценарио.

Легендарната модна критичарка Сузи Менкес, во една своја колумна во 2013 година за Њујорк Тајмс насловена „Циркусот во модата“, кривицата за ваквата вештачка слика која се создава за уличната мода им ја препиша на сите оние кои за време на актуелните модни случувања, особено модните недели, „парадираат“ во близина на објектите каде се оджуваат модните ревии и едвај чекаат по завршувањето да го украдат вниманието на фотографите и да ги добијат своите пет минути слава.

Тоа не значи дека тие се невкусно облечени или се безлични, но начинот на кој се обидуваат да привлечат внимание создава искривена слика за вистинската душа на уличниот стил.

Секако вината не тежи само на една страна, туку своја одговорност преземаат и оние кои стојат зад објективите. Во контекст на ова, модниот фотограф Гаранс Доре за Ел изјавил: Она што во поново време го нарекуваме „уличен стил“ ни малку не е уличен. Веќе се работи вештачка креирана улична мода која живее само за време на модните недели“.

Неговиот колега,  Дејвид Лураши избрал своја метода како би создал отпор против ваквата вештачка претстава на уличната мода.

„Секогаш ги избегнувам позирањата и „наместените“ фотографии. На сметка на тоа одбирам природни и случајни кадри, дури луѓето не се ни свесни дека се во мојот фокус. Не ретко ги фотографирам и од зад грб“, вели фотографот.

„Street style“ фотографиите станале популарни во 70-тите години благодарение на фотографот Бил Канингем кој во тоа време работел за Њујорк Тајмс. Но, она што го редефинира значењето на овој тип на фотографии е масовната примена на Интернет како медиум, и исто така масовната појава на модните блогери кои секако имаат свое значајно влијание во креирањето на современата слика на модната индустрија.

Ако се облекувате за да бидете фотографирани, тогаш не сте протагонист на уличната мода!

 

 

Објавено:
15 август 2014
Категорија: 
Стории