Музичари, архитекти и сликари го заживуваат филигранството

23 август 2014

Филигранот, префинетиот занает за изработка на сребрен накит, кој традиционално со векови опстојува во Македонија, сигурно нема да замре, благодарение на ентузијазмот на група млади луѓе кои се одлучија да го совладаат предизвикот од техниките на оваа ретка вештина. Во мала просторија која е дел од Старата скопска чаршија, се поставени неколку работни масички и специјални алатки, функционира работилницата на филигранистот Аднан Рамадани, кој несебично на своите ученици во текот на шест месечен курс им го пренесува своето знаење за изработката на филигран. Учителот, Аднан Рамадани, со овој занает се занимава веќе 20 години, а на доусовршување престојувал и во Фиренца, Италија, каде што учел од познати мајстори. Работилницата со курсисти ја има година и четири месеци, а како што вели досега во својот живот успеал занаетот да го пренесе на околу 80-тина веќе професионални филигрансити.

 

Тој вели дека по распаѓањето на поранешна Југославија и филигранот почнал да изумира, а причините  ги гледа пред се во традиционалноста од изработката. Токму затоа решил да формира сопствена школа за филигран каде младите ќе изработуваат современи форми привлечни за денешницата. Рамадани ги советува своите ученици дека занаетот е исто толку важен колку и образованието, совет што и самиот го добил од татко му.

- Секој може да ја совлада техниката на изработка на традиционален филигран, потребни се само време и трпение. Пред да отворам приватно училиште за изработка на филигран, бев дел од Занаетчискиот дом, а луѓето на кои им го пренесов знаењето ме стимулираа да отворам приватна работилница од каде ќе излезат уште многу други филигранисти  кои на  некој начин ќе го заживеат занаетот. Мажите пројавуваат послаб интерес да изучуваат ваква занаетчиска гранка од жените кои се повеќе заинтересирани. Но, начинот на продажба за разлика од порано се смени многу, така што не би можел да кажам дека продажбата е на задоволително ниво, но еве се трудиме да го промениме тоа. За разлика од другите земји во Македонија се изработува многу поразличен филигран, посебно што извесен период се вметнуваат други елементи и техники, а тој сегмент е исто така многу важен за тоа дека и понатаму продолжуваме да ги зачуваме корените на овој занает, вели мајсторот.

Можеби ќе помислите дека за да се изработува филигран потребно е да сте уметничка душа и да имате некое стручно уметничко образование, но практиката го покажува сосем спротивното дека за да се научи техниката пред се е потребна желба. Таков е примерот и со Дијана Тодоровски која веќе ја има завршено обуката, а нејзиното образование воопшто не е поврзано ниту со една уметничка гранка.

-Желбата да изработувам накит ја имам отсекогаш, а единствено училиште каде може да научиш да го изработуваш конкретно филигранот, е токму ова место. Филигранството важи за еден од најтешките занаети, а во оваа група работиме по поинакви принципи, односно сакаме да создаваме според нови трендови на накит што ќе бидат поразлични од класичната изработка на филигранот. Водени по тоа дека сите сакаме на нас да ставиме нешто ултра модерно, изработката ја насочуваме кон современото живеење и потребите на жените. Се сеќавам на првиот ден кога дојдов да го изучувам филигранот и тогаш се ми се чинеше многу тешко и невозможно  да го изведат моите раце. Сега ете, по’ завршувањето на курсот моја специјалност се прстените и нив ги изработувам со големо задоволство. Сите жени го сакаат накитот, па така и за филиграните има повеќе заинтересирани, посебно за парчињата кои не потсетуваат на традиционалните. Сепак, засега не се живее од филигранство, бидејќи треба да создадеш многу накит, да имаш многу идеи, но нашиот пазар едноставно не е таков. Профилот на жени кои купуваат се движи во возрасната граница од 30 до 50 години, односно оние што  може да си дозволат едно такво задоволство, објаснува Дијана Тодоровски која парчињата накит ги продава на сопствената фан страница на социјалната мрежа Фејсбук, насловена „Добро ми стои“.

Ана Фидановска, по професија архитект, иако ја има завршено обуката и  сега доаѓа во работилницата пред се за да се дружи и да разменува идеи со сите нови и стари челенови. И Ана вели дека единствен начин за продажба се социјалните мрежи, со надеж дека продажбата ќе се издигне на повисоко ниво. Нејзината страна го носи називот „Фил Ана Дизајн“ каде ќе најдете прстени, брошеви, ѓердани. Таа во изработките се труди да ја задржи традицијата, но исто така прави и посовремени форми, бидејќи побарувачката е поголема за истите.

-Филигранот на некој начин е луксузен накит, а моја пасија се токму таквите модели и нивната изработка. Човек може многу да се изрази преку филигранот, а среброто со неговата мекост и изглед  дава неверојатен завршен ефект. Можеби мојата примарна професија, архитектурата ми ги шири погледите, па’ во иднина планирам да дизајнирам и декоративни елементи и секако да се развивам. Едно време мислев дека филигранот е заборавен, но навистина се изненадив дека тоа не е така, а сметам дека беше досаден поради тие традиционални три форми како пеперутка, срце, цвет и толку.  Сега со новите дизајни луѓето покажуваат интерес, не само жените туку и мажите кои најчесто подаруваат. Многу се пронајдов во оваа работа, едноставно уживам и гледам надалеку да се развивам, раскажува архитектката Ана Фидановска

Соња Димовска е меѓу курсистите или како што тие практикуваат да ги наречат –чираци или нови ученици. Таа има завршено ликовна академија, но смета дека наклонетоста кон уметноста и нејзината базична професија не се пресудни за љубовта да се изучи филигранството.

-Почнав да ги изучувам техниките на филигранството пред четири месеци, а по само два веќе можев  да изработувам парчиња, но имам уште многу за учење, а во група тоа е навистина мотивирачки.  Јас имам завршено ликовна академија, но не секогаш едукацијата е важна за да се изработи филигран, важна е желбата и посветеноста. Во оваа работилница имаме разни профили на филигранисти и не сите имаат завршено некаква уметничка образовна насока. Имаме одлична атмосфера во работилницата, така што ги покануваме сите заинтересирани слободно да не побараат доколку имаат пасија како нашата, вели Соња Димовска

Архитекти, сликари, па’  и музичари. Младата флејтистка Анета Димитриевска работи во Воениот оркестар  на АРМ, а иако е почетник во изучување на филигранските техники, објаснува дека е среќна што ја пронашла работилницата и пријатната атмосфера со сите членови кои безрезервно и помагаат да ја реализира својата желба за изработка на накит.

-Јас сум се уште меѓу почетниците, а зашто отсекогаш ме привлекувале креативни работи знаев дека еден ден ќе учам филигран, а кога дознав за работилницата веднаш посакав да стартувам со изучување на техниките. Немав некои посебни очекувања на почетокот, но по само кратко време бев фасцинирана од она што тие го изработуваат, а тоа ми беше сосема доволно да се зафатам сериозно. Сега откако изработив неколку парчиња можам да кажам дека исто колку што ја сакам музиката го сакам и филигранството, вели музичарката  Антета Димитриевска.

Новите и модерни форми на филигран се предизвик и за младата Алма Идризи, која го има завршено курсот, а и таа како и повеќето членови повторно доаѓа да се дружи со сите и да разменува креативни идеи.

-Имав дополнителна потреба некаде да ја изнесам својата креативност и се одлучив тоа да биде преку изработувањето на филигран. Откако го завршив курсот,  изработувам секакви модели на филигрански накит, почнувајќи од обетки па со до прстени, ѓердани и превезоци. И јас како и моите колешки ги избегнувам традиционалните изведби и форми, па така филигран аплицирам на камења, правам и такви од полудраги камења. Има интерес, иако на почетокот бев скептична дека филигранството е изумрена гранка, но интерес постои кај оние што преферираат уникатност и квалитет, вели Алма Идризи.

Овие луѓе се надеж за филигранот, а тоа дека навистина успеале да го вратат како современа понуда на уникатен македонски накит веќе докажува нивниот зголемен интерес за изучување, како и имплементирањето на новите техники кои горе-долу стануваат атрактивни за македонската жена купувач.

 

Објавено:
23 август 2014
Категорија: 
Стории