На 22 – ри месецов, излезе во продажба првиот број на српското издание на еден од најпознатите модни магазини во светот – Harper’s Bazaar. Како што и се очекуваше, по тој повод беше организирана гламурозна и луксузна забава во шармантниот белградски хотел Crowne Plaza.
Повеќе од стотици познати ѕвезди од српскиот џет – сет продефилираа на црвениот килим, меѓу кои и познатата српска блогерка Зорана Јовановиќ, сопругата на тенисерот Јанко Типсаревиќ, Биљана, познатата водителка Сузана Манчиќ, дизајнерката Верица Ракочевиќ и многу други.
На промоцијата и луксузната забава се појавија и еминентни лица од политичкиот свет, меѓу кои и првата дама на српското Собрание Маја Гојковиќ која изгледаше навистина прекрасно и посочи дека е многу задоволна од лансирањето на српската верзија на почитуван магазин како Harper’s Bazaar.
На првата насловна страница на септемвриското издание на магазинот се најде прекрасната Клаудија Шифер, а честа да се најде на чело на овој магазин му припадна на познатиот 44 – годишен Петар Јахошевиќ кој досега имал чест да биде дел од многу познати лајфстајл магазини.