Марко Митановски: Дизајнер на авангардни уметнички парчиња за светски ѕвезди!

26 мај 2014

Младиот белградски дизајнер со лондонска адреса Марко Митановски е еден од најпознатите и најавангардни српски дизајнери со неверојатен успех надвор од границите.

Митановски дипломираше во 2008 година на Белградскиот факултет за дизајн, по што година подоцна беше избран за дизајнер во шоуто Ones to Watch во рамки на лондонската модна недела во 2009 година.

Неговите авангардни креации од самиот почеток привлекуваат многу големо внимание со уникатните и неверојатно изработените детали и костими кои што потсетуваат на неверојатни уметнички дела.

Веднаш по неговата изложба едноставно наречена „Lady Macbeth“, неговите уникатни костими беа дел од светски магазини како Dazed, Vision, Elle, Grazia, L’Officiel, Harper’s Bazaar, Cosmopoliten UK, Drama, италијанскиот и британскиот Вог итн.

Она што е особено интересно и дел од најзначајните моменти во неговата кариера, се неговите обожаватели меѓу кои и екстравагантната Лејди Гага, Сканк Ананси, Кејти Мелуа, Софи Елис Бекстор, Палома Феит, но и големите балкански ѕвезди како Северина, Тијана и други.

Спектакуларните геометриски креации на Марко Митановски се чини привлекоа најголемо внимание на ревијата одржана во шпанскиот музеј Баленсијага. За него, шпанскиот веб магазин Diariovasco напиша дека неговите креации се единствени, особено впечатливи и имаат посебен театрален дух и вајарски карактер, со алузии на геометрија!

Креација од колекцијата пролет/лето 2010 прикажана на лондонската модна недела Креација од колекцијата пролет/лето 2010 прикажана на лондонската модна недела

На прашањето колку е тешко да се оствари успех како неговиот на европската и светска модна сцена и колку е тој задоволен со постигнатото, Марко во едно интервју ќе каже:

„Мислам дека покрај талентот, факторот на среќа е исклучително важен. Мене ми се случи среќа и се најдов на вистинското место и во вистинското време. Лондон во модна смисла, е идеална платформа за дизајнери кои што се склони кон експериментирање. Вниманието на сите светски медиуми е насочено кон Лондон и тоа многу помага за брза промоција на брендовите. Ако вредите, дефинитивно ќе ве забележат и ќе опстанете. На моја голема среќа, токму тоа мене ми се случи“, вели Марко.

И тој самиот вели дека соработката со Лејди Гага многу придонела кон одличен развој на неговата кариера. Покрај уникатните црни ракавици што таа ги носеше додека позираше топлес за насловната на Q Magazine, контроверзната пејачка носеше дури пет креации за време на нејзината " target="_blank">турнеја во 2009/10 година. Токму една од тие креации, беше ставена и на продажба за цели 18.000 евра.

Подеднакво драга му е и соработката со балканската позната пејачка Северина која редовно ги носи неговите креации.

Токму таа, покрај Тијана и младиот Маид Хечимовиќ, беше дел од неговата последна ревија во рамки на белградската модна недела овој март. Имено, тој ги направи и сите костими за нејзината последна турнеја „Добродошао у клуб“.

Со големите проекти и неверојатниот талент што го поседува, повеќе од јасно е дека Марко го очекува и повеќе од блескава и богата кариера. Доколку досега немавте прилика да погледнете некои од неговите театрални дизајни, истото можете да го сторите во галеријата подолу.

Објавено:
26 мај 2014
Категорија: 
Портфолио