Крајот на модната недела во Лондон, воедно го означи и почетокот на миланската модна недела. Но, пред да се „преселиме“ на југ, не може а да не се посвети внимание на едно од највпечатливите и најнеобични модни шоу-а што вчера ја затвори модната недела во престолнината на Британија. Се работи за ревијата на српскиот дизајнер Марко Митановски, кој успеа да го привлече вниманието на модниот свет и имаше успешно претставување пред лондонската публика.
Она што веднаш се забележува е обоеноста на моделите, од глава до пети, во црна боја, носејќи креации од кожа и латекс инспирирани од надворешниот свет.
-Се инспирирав од природата, птиците, скелети на рептили и архитектура. За оваа колекција работев со скулптур, и дизајнер на накит. Така ги креирав парчињата со латекс и кожа – вели Митановски, а пренесува „Дејли мејл“.
Токму таа соработка му овозможи кај креациите да се забележи неверојатна прецизност, надополнета со фасцинантни модни додатоци аплицирани на лицата на манекенките.
Во неговите модели се забележува силното влијание на архитектурата и историските костими од времето на ренесансата и викторијанската ера, што укажува на неговиот широк видик.
И покрај тоа што инспирацијата доаѓа од повеќе места, кога се боите во прашање, Марко се насочил само кон црната:
-Се одлучив целата колекција да биде црна, затоа што тоа е мојата омилена боја. Сепак, колекцијата го слави животот на еден чуден, поинаков начин и не верувам дека е мрачна. Се работи за нешто мистично, не за нешто негативно. Минатата ревија ја затворив со бела креација, па одлучив тоа да биде така и овој пат – објаснува дизајнерот.
Инаку, ова не е прво претставување на Митановски во Лондон. Во 2009 година тој беше еден од четирите водечки млади дизајнери одбрани да ја претстават својата работа во рамки на програмата One to Watch. Уште тогаш со интересните и специфични конструкции збогатени со детали и прецизна геометрија, Марко успева да го разбуди интересот на тамошната модна публика, па неговите парчиња се појавија на страниците на меѓународните модни списанија, меѓу кои Dazed, Elle, Grazie, Vogue…
Неговата авангардна елеганција ги освои Палома Фејт, Сканк Ананси, но и Лејди Гага, која носеше негови креации за време на нејзината светска турнеја Monster Ball.
Токму тоа претставување во 2009-та година го следел и поранешниот стилист на Гага, Никола Формичети и изразил желба за соработка. Така, Марко ги дизајнираше креациите за една фотосесија на пејачката за W Magazine, што е почеток на нивните заеднички проекти.
-Никола Формичети ја виде мојата колекција, па потоа дизајнирав креации за снимањето и на Q Magazine. Потоа направив и неколку костими за нејзината светска турнеја Monster Ball, како и за кампањата за нејзините Аndroid телефони и многу други проекти. Влијанието на Лејди Гага во модата дефинитивно ми помогна да се истакнам повеќе на интернационално ниво, а воедно сум многу благодарен и на нејзиниот тим – вели Митановски.
Инаку, дизајнерот ќе ја претстави оваа колекција и на белградската модна недела во април.
Покрај српскиот дизајнер, последниот ден презентација на своите модели имаше и Ања Хајндмарч. Препознатлива по нејзините интересни чанти и хумор, дизајнерката овојпат се инспирираше од сообраќајот, а моделите ги обедини под името „Диверзија“. Она што е ново е што покрај чантите, Ања за првпат се обидела и во креирањето на парчиња облека. Така, сè она со што се среќаваме на автопатите, сега е преточено во креација. Со многу колорит и симболи, Хајндмарч создаде колекција што пренесува порака.
Погледнете: