Дневникот на Оливија Палермо од модните недели: Шик комбинации за вистинските трендсетерки!

3 октомври 2014

И кога конечно прогласивме крај на некои од најзначајните модни недели во светот, време е да се потсетиме на комбинациите што ги одбра големата и секогаш стилска Оливија Палермо!

Овој пат ги разгледуваме комбинациите во кои можевме да ја видиме стилската ѕвезда на некои од ревиите во рамки на модните недели во Лондон и Париз.

30 – ти Септември: Романтична во бело

На забавата на лансирањето на новото издание на магазинот на Карин Ројтфилд, Оливија се појави во сосема свежо парче од колекцијата на Алесандра Рич за пролет/лето 2015 година. Додека сите останати гости одбраа црна тантела, секогаш шармантната Оливија одбра фантастичен бел фустан со реси.

30 – ти Септември: Тренди во зелено

Директно од работилницата на Валентино, Оливија Палермо го носеше совршениот зелен костим уште пред тој да се појави на пистата. Неверојатните Аквазура чевли во кафена боја на целата комбинација и додадоа совршен контраст, а чантата на Нина Ричи уште еднаш заврши одлична работа!

28 – ми Септември: Шах – мат!

Уште еден фантастичен стајлинг на Оливија во фустанот со шах принт од секогаш одличниот бренд Клое. Со комбинацијата од чевли и чанта со различен принт, таа уште еднаш докажа дека е вистински професионалец кога станува збор за мешање принтови.

26 – ти Септември: Пеплумот се враќа на сцена!

Луксузната Нина Ричи јакна со додаден пеплум дел украсен со светки, му додаде вистински раскош на едноставното кожено здолниште што Оливија го одбра за во Париз. Секако, чевлите и овој пат се дел од нејзината колекција во соработка со Аквазура.

26 – ти Септември: Диор за Диор

Сосема нормално и очекувано, Оливија се појави во креација на Диор на ревијата на брендот, овој пат во темна комбинација. Трендсетерката одбра црн долг елек комбиниран со транспарентна блуза одоздола со ремен на средината. Комбинацијата ја надополни со чанта од брендот и неверојатно тренди Џими Чу колоритни сандали со шик реси.

25 – ти Септември: Бургунди комбинација!

Иако можеби сосема едноставната темно црвена ролка ве асоцира на удобни работни денови, една таква од колекцијата на Нина Ричи одбра токму Оливија за модната недела во Париз. Истата ја комбинираше со темно црвено здолниште и масивен ѓердан комбинација од бело – златна боја.

16 – ти Септември: Кралица на војничкиот стил!

Комбинацијата од кошула со војнички принт, пеплум здолниште, чанта со реси и Александар Меквин балетанки со цветен принт може да ја „износи“ само Оливија!

15 – ти Септември: Бурбери бохо

Омбре фустаните никогаш не изгледале подобро! Токму еден таков од ресортот на Бурбери носеше фасцинантната Оливија која истиот го комбинираше со марама истакната со ремен на средината – нов тренд што го обожаваме!

14 – ти Септември: Сивата е кул!

Првото палто без ракави со кое Оливија го најави новиот тренд на модните недели беше она сивото од колекцијата на данскиот бренд Гестуз. Нејзините омилени „Dior So Real“ очила за сонце беа дефинитивно нејзиниот заштитен знак за време на модните недели!

Во продолжение во галеријата, погледнете ги сите останати тренди комбинации од модните недели на неприкосновената кралица на трендот Оливија Палермо!

Објавено:
3 октомври 2014
Категорија: 
Тренд