Живите бои на Далечниот Исток во новата летна колекција на Вика Газинскаја

6 октомври 2014

Мистиката на Истокот, колоритните турбани и инвентивните кроеви се главната инспирација во новата колекција насловена „1001 ден“  на модната дизајнерка Вика Газинскаја за сезоната пролет-лето 2014/15. Креаторката се најде во улога на Шехерезада и имаше можност своите креации да ги претстави во рамките на Париската модна недела и на присутните да им ја раскаже нејзината модна бајка. Пред само некој ден излезе и лукбукот токму за новата летна приказна.

Модните критичари и стилисти многу ретко даваат високи оценки и комплименти кога прв пат ќе проследат ревија, но случајот на Вика Газинскаја едноставно ги помести од место сите присутни. Необичните турбани, со извртени јазли околу главата, разиграните здолниште во А-крој, предимензионираните кошули, нагласениот струк на моделите, асиметричните форми на фустани, панталоните со висок струк кои потсетуваат на 70-тите и дезените кои целосно го отсликуваат духот на Далечниот Исток со особен акцент на турскиот шарм и култура се само дел од тренди парчињата кои ќе бидат актуелни наредната жешка сезона.

Доминантна боја во колекцијата е белата низ која хармонично се преливаат впечатливи и силни тонови кои креираат пердувести форми рачно насликан од самата дизајнерка. Застапени се и цветните апликации, ригите, наборите и карнерите. Станува збор за колекција која е олицетворение на спортски шик и модерен изглед. Парчињата се крајно удобни, елегантни, урбани и трендовски. Погледнете еден поинаков моден израз и уживајте во моделите кои сигурно ќе ја разбудат вашата креативна фантазија.

Објавено:
6 октомври 2014
Категорија: 
Колекции