Поседувањето на Малбери чанта порано беше синоним за добар вкус и индикатор дека потекнувате од добро ситуирано семејство. Брендот ги опфаќа сите добри страни на британската мода.
Меѓутоа, само за една година компанијата доби четири предупредувања дека профитот оди во надолна линија, а петтиот пат веќе изгуби една петтина од нејзината вредност за еден ден. Тоа покажа колку всушност компанијата го загубила тлото под нозете.
По лансирањето на новиот „Кенсингтон“ дизајн на чанти, две од истите беа изложени на портите на хотелот „Кенсингтон Палас“, каде јавноста положуваше цвеќе во име на принцезата Дијана. Лица од компанијата Малбери ги фотографирале чантите, а фотографијата беше објавена на официјалната Твитер страна на компанијата, под која беше напишано: „Новата ‘Кенсингтон’ торба, поставена пред ‘Кенсингтон палас“. Но, брендот не побарал дозвола од хотелот за да ја објави фотографијата, по што одговорните од хотелот реагираа и фотографијата беше отстранета. Тоа беше вистинска катастрофа.
Овие денови, компанијата, која некогаш беше една од водечките во Британија, се чини дека запаѓа од грешка во грешка. Во 2012 година беше на врвот со цена на акциите која достигнуваше речиси 2500 фунти, а сега е падната на дури 700 фунти и продолжува да паѓа. Проблемите што се појавија во Малбери главно се должат на нивните сопствени одлуки. Креативната директорка Ема Хил го најави нејзиното заминување уште во јуни 2013 година, а нејзиниот наследник допрва треба да биде објавен. И францускиот извршен директор Бруно Гиљон своето отказно решение го потпиша во март.
Се чини дека оттогаш нивната главна стратегија е да целат кон освојување на пазарот на помладите. Потврда за ова е и ангажирањето на моделот Кара Делевињ, која беше заштитно лице во кампањата на Малбери за сезоната есен – зима 2014.
Цените на чантите се движат од 796 фунти, за чантата Mini Cara Delevigne, до 2500 фунти, за Large Cara Delevigne.
Брендот е основан во 1971 година во Сомерсет од страна на Роџер Саул и неговата мајка, Џоан. Малбери почна со изработка на ремени, кожени производи и патнички торби. Изработката генерално е во англиски стил и тоа се чувствува како да се случува со векови. Во 2002 година, поранешнот директор за финансии, Годфри Дејвис, дојде на чело на фирмата, по наредба на сингапурскиот милијардер Кристина Онг, која сега поседува 56 проценти од компанијата, заедно со нејзиниот сопруг Онг Бенг Сенг.
По промената на неколкуте креативни директори, талентираната Британка Ема Хил во 2007 година измисли вистински хит и наиде на голема поддршка со голем ефект од страна на славните личности.
Таа го преработила „стариот“ Саул ранец кој го носеше моделот Алекса Чанг, што ја зголеми продажбата на чантите за дури 27 проценти. Потоа следуваше чантата на Лана Дел Реј и Кејт Мос. После овие кампањи, а особено со онаа на Алекса Чанг, компанијата се закити со титулата „Најбрзо растечки луксузен бренд“, во 2011 година.
Тогаш сопствениците заклучија дека премногу ја афирмираат средната класа на производи, а нивната цел беше да станат глобално познат бренд како Луј Витон и Диор.
Бруно Гиљон, поранешниот генерален директор на Ермес, одлучи дека треба да се подигне квалитетот и уште поважно, цените на производите. Но, не одеше се по планот.
По помалку од три месеци културен судир на пропорции, како што го опиша една од водечките уреднички на едно списание, Ема Хил, објави дека заминува. Гиљон беше оставен на себе да го води брендот на врвот на луксузниот пазар. Ниту еден од верните клиенти на Малбери не сакаше да даде 2000 фунти за една чанта, дури и кога се во можност да си го дозволат тоа.
Она што беше заслепувачки очигледно за сите клиенти и аналитичари, но успеваше да му избега на Гиљон и одборот, беше фактот што брендот не беше баш привлечен за оние луѓе кои се подготвени да потрошат илјадници фунти за чанта.
И покрај тоа, тие со очајнички обиди решија да ги привлечат Русите и Кинезите. Така, додека Bayswater во 2009 година чинеше 495 фунти, новата кожена верзија сега чини 895 фунти. Чантата на Алекса Чанг сега чини 4500 фунти, и заедно со црната верзија која чини 5500 фунти, се најскапите модели.
„Тие се заглавени во средината: премногу скапи за нивните поранешни клиенти и недоволно уверливи за клиентите кои се стремат да ги привлечат“, изјави Лука Солка, шеф на анализа за луксузна стока во Exane BNP Paribas.
Претходно оваа година тие почнаа да фрлаат пари за да го решат проблемот и ја ангажираа Кара Делевин за новата кампања која беше пуштена во продажба минатиот месец. Но, додека Кара, во моментов, може да продаде се, таа не може да се мери со искуството кое го имаат дизајнерите.
Уште пред да биде пуштена во продажна колекцијата на Кара, Гиљон замина од компанијата во март. Претседателот Годфри Дејвис ја презеде должноста и на извршен директор: тој признава дека цените биле премногу високи, а она што тој го ветил биле убаво изработени кожени чанти чии цени ќе се движат од 500 до 800 фунти.
Но, како што изјави еден моден уредник: „Како бренд не е толку посакуван. Дури и Кара не можеше да го промени тој факт“.
Никој не може да го оспори фактот дека Малбери под итно мора да поврати барем дел од старата магија.