Реновираниот продажен салон на Елена Лука – зенит на современиот спој на модата со архитектурата

1 ноември 2014

Етаблираниот македонски моден бренд Елена Лука, вчеравечер ги отвори вратите на реновираниот, ултрамодерен продажен салон во Скопје Сити Мол.

Комплетниот ентериер во кој суптилно се синхронизирани црната, златната и бела боја, го носи препознатливиот сензибилитет на брендот, истовремено допирајќи до естетиката во уредувањето на ентериерите на светските престижни модни брендови.

Кога ќе го почувствувате просторот, како да се наоѓате во зенитот на некоја светска модна метропола. Во градацијата на приказната се сплoтени од една страна ентериерот во чија реализација се внимавало и до најситниот детаљ и од друга страна сите ексклузивни дизајнерски парчиња кои до совршенство се вклопуваат во просторот на кој му даваат душа. Елена Лука како моден бренд и Elena Luka Home како проектантска куќа, создадоа една урбана градска дефиниција за успешен македонски производ што перфектно соединува две уметнички форми-модата и архитектурата.

„Ние го направивме овој амбиент за нашите конзументи, за луѓето кои што ја следат работата на Елена Лука. Архитектонското решение е благодарение на целиот тим би рекла, иако од прва ќе кажам дека учествуваа екипи од градежната компанија Жикол, тоа е воедно наша семејна фирма која што е дел од тимот, односно архитекти од Elena Luka Home и мислам дека успешно си ја завршија својата работа. Навистина сметам дека амбиентот зрачи со една одлична енергија, воодушевена сум и радосна сум што дојдовме до овој дел кога одиме еден чекор понатаму. Полна сум со среќа и радост, едноставно ова е верификација на трудот на Елана Лука и на целиот тим сепак“, изјави генералниот менаџер на Елена Лука, Елена Пандева.

Вниманието уште на прво видување, го привлекуваат футуристичките излози кои со играта на светло и искршените стаклени форми на подот целиот фокус го насочуваат кон екстравагантните креации од новата колекција „ELigion“ изложени во тој безвременски простор.

 

„Она што сакавме да го постигнеме со овој простор беше да му дадеме еден поинаков модерен и светски изглед на модниот простор претварајќи го во приказна која ќе прикажува многу повеќе од моден салон, ќе биде место кое ќе ги спои сите луѓе кои се занимаваат и луѓе кои воопшто ја сакаат модата. Инспирација се црпеше од светкси архитектонски студија како Bonetti/Kozerski Studio од Њујорк,Roche Bobois , Peter Marino architect, кои се виртуози кога станува збор за ентериери  и се одговорни за ентериерните решенија за светски познати брендови како на пример Шанел и Дона Каран“, велат од Elena Luka Home.

 

На вчерашното отворање, не’ пречека исклучително пријатен амбиент. Непретенциозна игра на светло, минималистички геометриски форми што преовладуваат во просторот и баланс помеѓу матирани и сјајни површини кои го разигруваат ентериерот.

 

„Спојот на модерни и сјајни материјали и луксузниот и помалку тежок дизајн,  даде одлични крајни резултати. Во однос на боите се задржавме на боите што се заштитен знак на овој бренд. Со новото решение се постигнува едно кохерентно  сценографско решение каде се спојува контрастот на црните сјајни и луксузни материјали  со бели површини, а златната боја го дава главниот акцент во просторот нагласувајќи поединечни делови“, додаваат од Elena Luka Home.

 

Во сценографски изведениот простор главниот фокус е ставен на внатрешниот излог во кој е поставено лебдечко обоено огледало зад кое избиваат снопови златна прашина и тука се рефлектира и креацијата која во моментов е поставена во овој излог, екстравагантна бела бунда од зимската колекција на Елена Лука за актуелната сезона.

 

„Прекрасно одбрани детали со многу рафиниран вкус, но она што сепак, го чини овој простор прекрасен, препознатлив и уникатен, покрај самиот амбиент, се сепак моделите на Елена Лука. Она првото што веднаш го забележав кога влегов беше дефинитивно рафинираниот вкус на Елена Лука, во комбинација со елеганцијата која што зрачи од секоја нејзина колекција. Многу е тешко да се направи идеален еквилибриум на тие нешта, но на нив тоа одлично им оди од рака. Сметам дека ова е простор во кој што секоја жена кога ќе стапне, ќе ужива додека ги разгледува моделите, додека одбира и навистина ќе се чувствува како да е во некоја светска продавница и како да купува од светски бренд, што практично и го докажа Елена Лука, дека е навистина еден светски бренд кој на наша среќа е достапен и кај нас“, воодушевено коментираше познатата ТВ водителка, Ирена Спировска.

Откако се адаптиравме на амбиентот што не' однесе во една поинаква димензија што ја придружуваа музички ноти на виолина, се препуштивме на задоволството да ги разгледаме новоизложените дизајнерски парчиња.

Во едниот дел од изложбениот салон се поставени дизајнерските парчиња од колекцијата „ELigion“ како и специјално изработените аксесоари за оваа линија, чантите, чевлите и чизмите кои како уметнички експонати ја усовршуваа целата атмосфера.

Она што беше изненадување за сите присутни е промоцијата на новата Бизнис колекција на Елена Лука која симболично на самиот ден на отворањето на реновираниот салон, беше изложена за прв пат и не случајно токму сега.

Елена Лука создаде линија чија инспирација е врежана во ликот на современата деловна жена, нејзината амбиција и авторитет, нејзиниот префинет и истанчен вкус што го гради нејзиниот идентитет. Значајно е да се напомене дека сите парчиња се достапни во неколку конфекциски броеви, од 38 до 46.

Бизнис колекцијата преку едноставните минималистички кроеви, но истовремено и инвентивната модна функционалност допира до најсуштествените потреби на современите деловни жени. Колоритот варира од чистата бела боја, преку различни тонови на сивата до класичната и елегантна црна боја. Благодарение на внимателно селектираните материјали како:  брокат, штоф, пуплин, жоржет, сатен, парчињата од колекцијата може совршено да се спаруваат, со што е поедноставен изборот на секојдневните деловни комбинации.

Блејзерите, кошулите, панталоните, здолништата, капутите, кардиганите, фустаните се  облагородени и со златните плочки гравирани со логото на Елена Лука.

Колекцијата изобилува со дизајнерска иновативност во формата. Едни од носечките парчиња на новата Бизнис колекција се кошули кои се изработени од дизајнирана превртена јака во класична форма и кошули кои може да се трансформираат во повеќе варијанти.

Ова е уште една комплетна модна приказна која ја дефинира домашната модна сцена на повисоко ниво.

 

 

 

Објавено:
1 ноември 2014
Категорија: 
Култура