Топли есенски комбинации со здолништа

3 ноември 2014

Миди и макси, „молив“ или А крој, во метални нијанси или со цветни принтови, оваа сезона здолништата планирајте ги во вашите приоритетни топли комбинации.

Иако се вообичаени за летниот период, во соодветна варијанта со топла облека, здолништата можат да бидат вистински стилски погодок и на најниски температури.

Секогаш внимавајте естетиката во комбинирањето на парчињата да биде поткрепена со практичноста во изборот на секое парче. Па така, здолништето треба да оди секогаш во пар со дебели хулахопки или високи чизми за да се заштитите од студот.

Во зависност од пригодата, здолништата може да ги комбинирате и со чевли на високи потпетици, чизми до глужд или пак рамни чевли на високи платформи кои се особено актуелни периодов.

Ако здолништето го спарите со краток топ, тогаш слоевито надополнете ја оваа комбинација со топол џемпер или сако.

За деловен изглед, одличен избор е комбинацијата на миди здолниште со кошула и елек или пак со плетена ролка.

Секогаш може да си играте со модните додатоци, особено што овој период од годината ги дозволува и најкреативните слоевити варијанти со дебели и масивни шалови, шешири или пак марами што ќе го финишираат уникатниот изглед.

 

 

Објавено:
3 ноември 2014
Категорија: 
Направи сам