И ние Доналд Трамп за трка имаме...

20 ноември 2014

258587-miss-world

Изборот за Мис е секогаш привлечен – поради убавите девојки, гламурозните фустани, но и поради скандалозните приказни, а и добриот бизнис ако го прашуваме Доналд Трамп. Овој познат бизнисмен,  ја има лиценцата за „Мис Универзум“, „Мис Америка“ и „Мис Тин Америка“, а досега неколку пати се соочуваше со големи скандали. Беше обвинет од мисица за измама, а тој судски процес заврши со 5 милиони долари во џебот на Трамп. Списокот на скандали продолжува со дрога, секс, компримитирачки фотографии на мисиците... Но, Трамп се чини од сè умее да заработи.

pb-121220-trump-da.photoblog900

Ние пак, со скандалите (добро не баш истите како на Трамп), само си го свртуваме вниманието од реалните проблеми. Барем да заработувавме од тоа, може и ќе се вложеше за подобра презентација. Последниот обид за избор за „Мис на Македонија“ за „Мис на свет“ кај нас се претвори во сага... Обвинувања, предомислувања, несериозност, искористување, проституција... Првин, не можевме да се договориме околу тоа дали е кастинг или избор за Мис. Потоа, дознаваме дека нов човек, нашинец од Австралија ќе ја води работата околу овој избор за убавина, за потоа досегашната организаторка да биде пишман и да се врати пак на старата функција. Таа го обвини за елитна проституција, а тој ја врати топката во иста насока, плус откривајќи го нивниот интимен однос. Ова не е под ниво – ниво воопшто не постои.

Честопати се коментираат девојките што ги испраќаме како најубави од Македонија... Не велам дека се грди, но некогаш се далеку од убавици за Мис... Факт е дека на улица ќе најдеме многу поубави од тие што се пријавени, а бројот на пријавени по сè изгледа е сè помал, изборот сè посиромашен. Голем број од тие што се пријавуваат не ги исполнуваат критериумите за овој натпревар за убавина, но кој е тука виновен? Некои од квалитетните избори за Мис или модел кај нас веќе и не постојат. Манекенки на времето сами се откажуваа од изборите.

фото: мкд.мк фото: мкд.мк

На ваква (не)сериозност, која девојка би сакала да се пријави? Сите учеснички очекуваат сигурност, комплетно обезбедени услови... Нивна обврска треба да е само да се убави. Кај нас тоа го нема. Барем таков впечаток се создава. Младите девојки кај нас не знаат во каква приказна ќе се впуштат, токму поради овие валкани приказни.

Но, од друга страна, финансиите се секогаш проблем. Никој не инвестира, се тропа од врата на врата за спонзори, за тоа кој да направи фризура, кој да обезбеди фустан... И така, од една страна се жалиме како нема пари, а од друга на нашите прес-конференции се расфрлаат со високи суми од спонзорства,поткупување на понуди...Ние постојано крпиме крај со крај речиси за сè, за „Евровизија“, за научни натпревари, за спортски претставувања, па и за Мис. А пари колку сакаш, само што не одат таму каде што треба.

Тогаш, треба ли воопшто да учествуваме? Ако веќе сакаме да нè има, тогаш не треба да импровизираме. И нека е скромно, ако немаме за повеќе, ама нека е како што треба. И без задни намери.

Во спротивно, оваа приказна за избор за убавина, секогаш ќе биде грда.

Објавено:
20 ноември 2014
Категорија: 
Актуел