Фијаско: Избор за „Мис на Македонија“ или кастинг?

17 ноември 2014

Во домашните медиуми вчера се појави вест за скандал на изборот за „Мис на Македонија“ за 2014 година. Според досегашните пишувања, како и соопштението од студио „Црнокрак“  кое имаше свои девојки во изборот, пратено до сите медиуми, изборот што требал да се случи завчера вечер во клубот „Театро“, бил прекинат од страна на организаторката г-ѓа Лидија Велковска.

Според нив, таа на сите присутни им соопштила дека оваа година Македонија нема да има претставник на изборот за убавина за „Мис на свет“.

Студиото „Црнокрак“, посочи дека по неколкуте неуспешни обиди завчера вечер требало да се одржи последното жирирање, на кое требало да се избере девојка што ќе ја претставува нашата девојка на најголемиот светски избор за убавина, што оваа година ќе се одржи во Лондон, на 14.декември.

„Жири комисијата, доби гласачки листови на кои пишуваше како треба да се избере победничката на изборот за „Мис на Македонија“ 2014 за „Мис на Светот“. Дванаесетте финалистки се појавија во првото од трите предвидени претставувања и кога тие се подготвуваа за второто, членовите на жири комисијата и новинарите лично од Лидија Велковска добија листови на кои имаше соопштение во кое стоеше дека, тие всушност присуствуваат на кастинг на кој од 12 се бираат 6 девојки кои ќе бидат во конкуренција за „Мис на Македонија“ за „Мис на Светот“, но за 2015 година, а дека избор за 2014 нема ни да има, а со тоа секако и нема да имаме претставничка на светскиот избор. Сите мислеа дека станува збор за некоја шега од страна на г-ѓицата Велковска или можеби за скриена камера, но таа беше серизона и почна на сите да им објаснува како тоа е нејзина дефинитивна одлука која таа самоволно ја донела уште минатиот ден, со образложение дека нема да има доволно време на победничката да ѝ обезбеди виза, авионска карта, фустани и се друго што ќе треба за да таа отпатува“, стои во дел од соопштението.

Една од главните нивни забелешки е зошто таа информација не била пренесена до сите однапред, туку самата вечер.

Fashionel ја исконтактира организаторката, г-ѓа Лидија Велковска, која вели дека се работи за големо недоразбирање.

- Однапред беше најавено, дури недела дена, дека не е избор туку кастинг. Никој не рече дека ќе биде избор за Мис, затоа што не би го организирале на таков начин, на таа локација и слично. Сите присутни знаеја дека се работи за кастинг и сите повикани имаа за задача да бидат реални при жирирањето. Потврдата дека нема да имаме претставник ја добив вечерта, па затоа и ја соопштив тогаш. Фрапирана сум од бурните реакции и на новинарите кои беа присутни таму. Сметам дека сите беа манипулирани од еден човек, но за тоа дополнително ќе биде кажано на прес-конференцијата, што ќе се одржи наскоро – најавува Велковска.

Лидија Велковска Лидија Велковска

Таа додава дека е изненадена и од односот на студиото „Црнокрак“:

- Ме изненадуваат и напаѓањата на студио „Црнокрак“, што ги читам по медиумите. Тие немале сериозен избор.  Организираа еден голем во 2014 – „Мис на Македонија“ за „Мис Универзум“ и „Мис Метрополитен“, но тие девојки никаде не отидоа. Зошто медиумите го премолчаа тоа? Зошто никој не го постави тоа прашање? Јас во една пригода го прашав, а тој ми одговори дека му побарале голема сума пари. Никој не презема одговорност тогаш, а изборот се пренесуваше на МТВ. Ние тогаш се емитувавме на „Сител“, а „Црнокрак“ имаа и многу големи спонзори за тој избор, но ништо не видовме од тоа. За разлика од нив, ние никогаш не сме ги оставиле девојките на цедило. Скандали до сега немало. Од 2000-та па до сега, сите 13 девојки заминаа на избор за Мис, ниту една не остана без облека, без подароци, без комплетна грижа за таму. Тринаесет години обезбедуваме и видео пренос, благодарение на организацијата Лидија Велковска. Медиумите се силни, но не сите размислуваат за реакциите. Ќе објавите вест, но што потоа? – вели Лидија.

Мики и Светлана Црнокрак, сопственици на модното студио „Црнокрак“ Мики и Светлана Црнокрак, сопственици на модното студио „Црнокрак“

- Модното студио „Црнокрак“ пред неколку дена, на покана од сопственикот на клубот „Театро“ реши да помогне во реализација на овој избор, за да после неколку неуспешни обиди сепак некако успееме да ја избереме „Мис на Македонија 2014“ за „Мис на Светот“. Бидејќи имаме повеќе од 20 години искуство во организација на овие настани, се согласивме да помогнеме и да го организираме изборот за само два дена. Не поради Лидија Велковска, не поради модното студио „Црнокрак“, туку за Македонија и  за избегнување на уште еден голем срам подготвен од кујната на врвниот готвач Лидија Велковска. Бидејќи организаторката имаше само една пријавена девојка, обезбедивме девет од модното студио „Црнокрак“, плус две имаше и од „Кворум Моделс“, вкупно 12 од кои седум дојдоа од внатрешноста специјално за изборот - изјави Мики Црконкрак.

Тој додаде дека помогнале и во останатите делови од организацијата:

-Обезбедивме облеки во кои девојките требаше да се претстават, стилисти кои ги затворија салоните и кои дојдоа во „Театро“ и цел ден ги подготвуваа девојките за настап. Се’ тоа организаторката го доби апсолутно гратис. Плус сопственикот на „Театро“ го отстапи просторот со целиот персонал, а обезбеди и кетеринг за сите присутни. Се собра и жири комисија составена од познати медиумски личности кои исто така се согласија да дадат свој придонес и помогнат – вели Црнокрак.

Лидија Велковска ги негира таквите тврдења, и вели дека на изборот биле пријавени многу девојки, како и тоа дека „Црнокрак“ самоиницијативно се приклучиле кон изборот:

-Имаше многу пријавени, но не сите ги задоволуваа критериумите. Затоа одржавме повеќе кастинзи. Еден имавме и во Александар Палас, а оттаму бевме неправедно осудени дека имаме долг. Ние однапред плативме сума, но тоа ќе го обелоденам понатаму. Првите два кастинга беа еден по друг во многу кус временски период и не можеа сите девојки да пристигнат на време, а сметавме дека треба да им биде дадена еднаква шанса на сите одбрани. Затоа организиравме и трет кастинг, по што и студиото „Црнокрак“ изрази желба да учествува со свои девојки. Некои ова го земаат здраво за готово. Ние и правно ќе ја разрешуваме оваа работа со луѓето кои фрлаат кал врз организацијата. На крајот на краиштата, фрапирана сум и од медиумите пријателски наклонети кон „Црнокрак“, што ме ословуваат само со Лидија. Нема ниту етика, не е во ред – нагласува организаторката.

На крајот, таа посочи дека не е едноставно да се организира ваква манифестација, без оглед на тоа што од страна изгледа така:

- Не е лесно да се организира избор за Мис, а и многу е скапо. Колку чини само авионската карта до земјите каде што се одржува? Треба заеднички да пристапиме кон проблемот. Сите ние имаме дел од вината. Да се запрашаме зошто има поубави девојки на улица, отколку на избор за Мис? – смета Лидија, која и покрај бројните негативни коментари, најавува дека веќе следната година Македонија ќе има претставничка на светскиот избор за убавина, и дека таа продолжува со работа.

Каков епилог ќе има оваа приказна, останува да видиме и да ја сочекаме прес-конференцијата што Велковска ја најави.

фото: Телеграф.мк; Вечер

 

Објавено:
17 ноември 2014
Категорија: 
Актуел