Англија кулминираше како епицeнтар на модата

2 декември 2014

Црвениот килм уште еднаш се покажа дека е вистинската модна писта од каде најчесто важи правилото да го гледаме најдобриот избор на креации. Со тоа ја видовме и  доминацијата на највлијателните дизајнери, преку призмата од изборот на славните личности. Но, вечерта исто толку значајна беше  и за престижните награди,  кои се доделуваа во различни сегменти за модни  достигнувања. За многу дизајнери, стилисти, пејачки, актерки, манекенки, уреднички и новинарки, вчерашната вечер беше исклучителна можност  да се ужива во друштво на најдобрите, но и прилика за претставување во блескаво издание на црвениот килим,  преку креациите со потпис од реномираните и виско признатите модни креативци.

Кога станува збор за изборот на стајлинзите, за настанот кој има предзнак од суперлативот Нај, големиот број присутни преку изборот на облеката го покажаа и значењето на манифестацијата. Истата  во овој дел помина во знакот на различноста од селекцијата, така што изгледите варираа од минималистички, гламурозни, такви со принтови, весели бои, до провокативни, но и модни промашувања. Кај дел од присутните, доминираше минимализмот од класиката, а сублимирајќи ги фотографиите, заклучуваме дека токму едноставноста и елеганцијата се покажаа како највпечатливи. Британските модни награди, не само што ги доделија признанијата за најуспешните во својата работа, уште еднаш го потврдија генералниот впечаток за оние не знаат да направат моден „грев“ од изборот на личниот стилски печат. 

Изгледите на Ема Вотсон, Оливија Палермо, Кендар Џенер и Викторија Бекам, според нас,  се најдоброто што Англија го понуди од големото случување на Британските модни награди. За разлика од Ријана која речиси беше гола во предимензионираното сако со потписот на Стела Мекартни, младата Хермиона или Ема Вотсон  ја презентираше далеку постилската варијаната од слично сако во машки крој. Таа  успешно го споила во монохроматска варијанта со бели широки панталони попознати како кулоти и не за џабе, младата актерка ја освои и статуетката за најдобар стил за 2014 година. Ријана некако веќе навикнавме да ја гледаме во максимално провокативна варијанта, преку која очигледно сака да биде во центарот на вниманието. Сепак, голотијата не секогаш се покажува како успешна, каков што се покажа и случајот со пејачката Рита Ора, за чиј изглед  на странските медиуми и социјалните мрежи може  да се прочитаат многу негативни коментари. Иако носеше актуелен фустан на Том Форд, таа изгледаше како од 90-тите, премногу ноншалантна, а нападна,  со детали кои придонесоа да изгледа ефтино, а кројот беше лош избор во однос на нејзината конституција.

Клапата манекенки како: Кара Делевињ, Карли Клос, Каролина Куркова, Кејт Мос, Наоми Кемпбел, беа посебна стилска приказна секоја за себе. Кај нив преовладуваше елеганцијата од долгите тоалети, но и коктел фустаните во впечатливи принтови.

Црномурестата Наоми Кембел, блесна во елегантен макси фустан со потписот на Александар Меквин, а за посебната мистичност и моќ во неа, придонесе црната боја на тоалетата, како и предолгата коса која го прекриваше задниот дел од нејзиното тело се до струкот.

Модното шареноло во однос на изборот на креациите варираше од оние на: Том Форд, Барбери, Емилио Пучи, Емилија Викстед, Ланван, Александар Меквин, Диор и други. Британските модни награди, буквално ја донесоа индивидуалноста на секој што се појави во тој елитистички моден круг. Што се однесува на останатиот дел од признанијата на сцената, листата на оние што си заминаа со статуетки во рацете гласи вака:

Најдобар млад женски дизајнер- Маркез Алмеида

Најдобар млад машки дизајнер- Крег Грин

Најдобар млад дизајнер на аксесоари- Prism

Најдобар дизајнер од црвен килим- Александар Меквин

Модел на годината- Кара Делевињ

Специјално модно признание- Крис Мор

Награда Изабела Блоу- Едвард Енифул

Најдобар интернационален дизајнер- Николас Гескијер

Награда за посебно достигнување- Ана Винтур

Најкреативна кампања-Луј Витон

Нов етаблиран дизајнер- Симон Роша

Најдобар бренд- Викторија Бекам

Најдобар стил- Ема Вотсон

Најдобар дизајнер на аксесоари- Ања Хиндмарч

Машки дизајнер- Џ. Андерсон

Женски дизајнер- Ердем

Во продолжение ја гледате обемната галерија, како од писта така и од фотографиите на сцена и доделувањето на наградите.

Објавено:
2 декември 2014
Категорија: 
Сцена