Еден од визионерите на костимографската сцена, кој целосно го заслужува овој епитет е токму Вилијам Травила, американски костимограф, кој остави најголем печат благодарение на соработката со Мерилин Монро за ни помалку, ни повеќе, туку осум филмски проекти.
Травила е роден на 22 март 1920 година во Лос Анџелес, Калифорнија, а неговата наклонетост кон уметничкиот дизајн му донесе светска слава. Животното патешествие му е исполнето со големи проекти, награди, афери кои се дел од неговата богата биографија. На шеснаесет години започнува да црта скици за костимите на девојките кои се дел од бурлеска шоата во неговото родно место и истите ги продава по цена од пет долари. Актерката Ен Шеридан воодушевена од неговата работа, го ангажира како личен костимограф во Warner Brothers.
Пред да ја запознае Мерилин Монро, Вилијам веќе имаше освоено Оскар за костимите во филмот Adventures of Don Juan во 1949 година и бил во брак со Дона Дрејк, со која ја имаше ќерката Ниа.
Интересно е запонавањето на Монро и Травила, пријателство кое подоцна ќе премине во љубовна афера, блискост на професионален и приватен план и можност за костимографот, во вистинско светло да запознае еден од најеминентите ликови на минатиот век. Монро дефинитивно знаела да го искористи својот секспаил, за да го добие тоа што го посакува, а нејзината цел била токму Травила. Таа влегува во неговиот гареробер со изговор дека нема каде да се пресоблече. Травила подоцна тоа го објаснува на сликовит начин – „Ја отвори вратата од мојата соблекувална во црн костим за капење, но веднаш по влегувањето во собата, горниот дел од костимот падна и таа стоеше полугола пред мене... секако тоа го направи намерно!.“
Кралот на модата и кралицата на филмското платно започнуваат пријателство кое во 1953 година преминува во љубовна афера, во текот на снимањето на филмот Gentlemen Prefer Blondes, која резултира со телефонски повици доцна во ноќта и напуштање на неговата сопруга и ќерка.
Дизајнот кој и ден денес е еден од најпознатите креации на Травила е коктел фустанот кој Монро го носеше во 1955 година во филмот The Seven Year Inch, додека стои на вентилација на њујоркшкото метро. Фамозната сцена, кога и се крева фустанот по поминувањето на возот, придонесе фотографијата да биде една од најпознатите по која се врзува синонимот за Монро. Токму ваквиот култен фустан кој во 2011 година на аукција беше продаден по цена од 4. 600. 000 американски долари, беше причина Мерилин да му посвети календар на Травила со порака – „Драг Били, те молам облекувај ме засекогаш. Те сакам, Мерилин.“
Најчесто тоа што го гледаме како комплетен производ на филмското платно или во медиумите ни одблиску не ја отсликува реалната слика за одредени личности. Ѕвездениот статус со себе носи голем притисок, а поврзаноста на Монро со Били како што го викала, било можност тој да ја запознае тогаш кога маските паѓаат. Иако бил свесен дека актерката сака да шокира и да првивлекува внимание со својата појава, сепак приватно, тој ги знаел нејзините најголеми стравови, а често бил и нејзино рамо за плачење.
„Мерилин беше голем нарцис. Го обожаваше своето лице и трансформациите кои можеше да ги направи. Дури го споредуваше со начинот на кој јас умешно создавам уметнички дела“ – изјавил Травила, кој многу добро можел да процени кога актерката ги криела своите емоции, токму преку широката насмевка. Зад затворени врати, таа тешко ја поднесувала секоја негативнз критика. Иако работеле заедно на осум филмски проекти, сепак Травила последен пат ја гледа Монро недела дена пред нејзината смрт. Таа била на вечера во ресторан со нејзини пријатели, а кога Вилијам дошол на нивната маса за да се поздрави, актерката не можела да го препознае. Навреден од ваквото однесување, тој решава да и напише писмо во кое отворено ќе и каже како се чувствува, но писмото никогаш не стигнува до нејзините раце.
По смртта на Мерилин, Травила го отвора Travilla Inc заедно со својот пријател Бил Сарис, дизајнирајки костуми за голем број успешни проекти. Седум пати бил номиниран за наградата Еми за Најдобар костим во серија, но ја добива два пати и тоа во 1980 и 1985 година.
Успехот на професонален план, сепак влијае на неговиот приватен живот. Дона Дрејк почина во 1989 година и иако официјално не биле разведени, сепак не живееле заедно 12 години. Година дена подоцна, Вилијам починал по долго боледување од рак и зад себе остава богатство од креации и скици кои и ден денес се дел од изложби и аукции за страсни колекционери.
Иако Мерилин важела за негова муза, сепак тој дизајнираше креации за над 250 познати личности, меѓу кои се Марлен Дитрих, Лорета Јанг, Џејн Расел и други. Во светот на костимографијата тој е клучно име и синоним за иновативност во оваа професија. Интересно е тоа што Травила на уникатен начин го истакнува женскиот сензибилитет, токму преку создавањето на креации, а исто така е познат и по квотите со кои на одреден начин се обидува да ја доближи оваа тематика до пошироката јавност. Некои од најпознатите квоти прочитајте ги во продолжение:
- Доколку жената не се чувствува убаво во тоа што го носи, без разлика колку убаво изгледа на неа, таа нема да се чувствува комфорно. Исто така, доколку жената купи парче кое е во тренд, а не се вклопува во нејзиниот стил, тогаш прави голема грешка. Се мисли дека облеката го прави човекот, но во конкретниот случај, жената ја прави облеката. Доколку жената го обожува фустанот што го носи, своето влијание ќе го пренесе на сите оние кои ќе бидат околу неа.
- Јас инсистирам облеката која ја правам да биде женствена и атрактивна. Ултимативна цел на дизајнерот е да направи спој помеѓу дизајнот и материјалот.
- Кога ќе се тргнам од конкурентниот моден свет, сите мои стари идеи ги заборавам. Но кога се враќам назад на сцената, започнувам со нов пристап.
- Никогаш не би уништил одреден дизајн, само за да го продадам фустанот.
- Старото правило бели дека мистеријата, а не дијамантите се најдобриот пријател на секоја жена.
- Елеганцијата никогаш не е статична.
- Прекинав со дизајнирање на костими за филмови бидејќи се уморив облекувајќи ги Мерилин Монро и Џејн Расел и во обидот да ја истакнам нивната сексуалност, колку што можам повеќе. Денес никој не води сметка за цензурирањето.
Травила имаше око за женската фигура и знаеше човечкото тело да го направи совршена форма, со помош на неговите уметнички вештини. Иако денес Мерилин е заштитен знак за женската сексуалност, сепак не би била исконски позната, доколку за тоа не и помогнеше токму креативноста и иновативноста на Вилијам Травила.
За многумина неприкосновен костимограф и визионер чие творештво живее преку оригиналните креации и скици, кои на специфичен начин ја одбележија филмската кинематографија на минатиот век.