Фотографиите на Александар Дончев ги спојуваат спротивностите во „Помеѓу“

13 декември 2014

Кога емоциите ќе се кажат преку фотографија, тогаш не само што вистински се доживеале туку и останале вечни, зачувани во еден момент спротивставувајќи се на минливоста на времето.

Црно-белиот циклус на фотографии „Помеѓу“ на исклучителниот фотограф Александар Дончев пренесе токму една таква емоција вчеравечер, на отворањето на неговата изложба во Музејот во родната Струмица.

Александар Дончев Александар Дончев

Обработувајќи една непресушна тематика, дуалноста на универзумот, Александар секоја надеж и безнадеж, светлина и темнина, среќа и тага, за и против, преку својата фотографија ги сплоти во една хармонична целина, исто како што ја сплоти и бројната публика која присуствуваше на отворањето.

Неслучајно, изложбата ја отвори Елена Пандева, која до сега во повеќе наврати соработувала со Александар за едиторијали на модниот бренд Елена Лука, но истовремено мотивот беше и Струмица која емотивно ги поврзува како заеднички роден град.

„Домашната публика е секогаш и најдрага и најкритична, и емоциите и тремата пред Вас се најсилни,  па токму затоа и не случајно го делам чувството со исклучително талентираниот фотограф Александар Дончев кој токму вечерва се соочува на некој начин со својата публика, предизвик што наскоро  и' следува и на Елена Лука. Голема чест ми е што токму јас вечерва го имам задоволството да ја отворам изложбата за циклусот „Between“ односно „Помеѓу“, која претходно беше поставена во Софија, Бугарија и ете сега конечно си дојде дома“, кажа во својот говор Елена, која наскоро во Струмица го отвора новото ателје на Елена Лука-прво во нејзиниот роден град.

Во циклусот од 24 црно-бели фотографии што ја сочинуваат поставката „Помеѓу“ се добива чувство на идеална поврзаност, бесконечен континуитет кој ве привлекува и неколкупати да се навратите на секоја фотографија за повторно да ја доживеете. Затоа, творештвото на Александар и покрај тоа што има длабока и суштинска филозофија, е привлечно не само за окото на публиката, туку и за сите нејзини сетила. Неговата фотографија е како закдорана емоција што се обидува да го победи  времето и нашето привремено неразбирање.

 

„Циклусот на фотографии „Помеѓу“ е обид да се направат варијации на некои од симболите на дуалноста и да се открие нештото помеѓу спротивностите во овој случај само нашата перцепција. Всушност помеѓу спротивностите секогаш постои реален процес кој што се обидува да ги изедначи. Секое видливо нешто во универзумот е само процес  помеѓу две спротивности, визуелна енергија на изедначување кон едното“, ја објаснува својата уметност фотографот.

Александар Дончев е роден во Струмица, дипломирал на Националната академија за театарска и филмска уметност на отсекот за Уметност и современа фотографија во Софија, Бугарија. Дончев  зад себе има шест самостојни изложби, а учествувал уште на осум групни поставки. Неговиот архив на фотографии  нуди богата обиколка низ различни светови и приказни, па така во неговото портфолио може да ги разлистате модните фотографии со голема доза на уметничка трансформација, но и такви кои овековечиле едно парче од природата или еден момент од нечија емоција или такви кои преку својата апстракција ве предизвикуваат на длабок разговор со себе.

 

Објавено:
13 декември 2014
Категорија: 
Култура