„Субгалаксија“ - самостојна изложба на Викторија Ивановска

22 декември 2014

Младата авторка Викторија Ивановска за утре 23-ти декември во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот ја најавува својата втора самостојна изложба насловена „Субгалаксија“. Делата се дигитален печат на цртежи работени во софтверскиот програм Paint (Paintbrush for Windows). Приказите се печатени на хартија која е наменета за традиционално печатење графички техники во висок и длабок печат. Се рабoти за претежно големи формати, а големината на димензиите на делата е со цел да се избегне острината на пикселите. Пристапот  на авторката е на прв поглед детски и наивен поради колоритот и силните бои, но всушност делата изобилуваат со деталност и комплексност. Цртежите се произлезени спонтано без некоја поврзаност, а пренесуваат одредена сцена од настан или мисла на авторката.


Таа за инспирацијата и делата ќе каже: „Секое живо битие си има своја приказна. Различна приказна. Различна галаксија. Галаксија во галаксија. Галаксија во која нема правила, нема ограничувања. Во секој приказ има галаксија под галаксија. Безвременски прикази, прикази на среќни, тажни, чудни, изолирани, ненаметливи моменти. Секој во свој свет. Битија кои се присутни. Ненаметливата присутност на чудни сегменти како дел од длабоката потсвест и чудна фантазија.“ -објаснува Ивановска.


Одвојте време да бидете дел од културните случувања во градот, а во вашата агенда за утре ставете ја и изложбата „Субгалаксија“.

 

Објавено:
22 декември 2014
Категорија: 
Култура