Црно-бела кампања во панк-рок стил на Сен Лоран

31 декември 2014

Модната куќа Сен Лоран на само ден пред Новата година посака да им ги згрее срцата на своите обожаватели и клиенти, па ја лансираше новата рекламна кампања за сезоната пролет – лето 2015.

Постојаноста во однос на естетскиот израз е заштитниот знак на совршенство и цел на одговорните во оваа компанија на чело со креативниот директор Хеди Слиман. Модните експерти беа едногласни во одлуката и задоволно го поздравија талентот и умешноста на Слиман секоја сезона да презентира фотографски филмски приказни во панк - рок стил и црно - бели нијанси.

„Кога веќе се е искористено и видено, убаво е да се вратите на старите корени и да ги редизајнирате во една модерна и тренди визија. Сметам дека ова е вистинската насока која треба да остане во ДНК на модната куќа“, вели Слиман.

Она што дефинитивно прво паѓа во очи кога ги гледате фотографиите е духот на 1960 – тите и 1970 – тите. Стилот, облеката и бегството во природата е сон на секој модерен човек, особено во ова време на динамичен живот.

Објавено:
31 декември 2014
Категорија: 
Колекции