Кога сте во потрага по идеалниот избор на фустан за вашата матурска забава, сакате тој да биде модерен, тренди и суптилно да ги истакнува вашите атрибути. Oваа недела  предлог стајлинзите од „Елена Лука“ ги стартуваме со неверојатно модерен, софистициран и префинет модел на фустан со должина до над колена.

Памучниот сатен што е искористен за изработка на горниот дел од фустанот е во вид на корсет со дискретно деколте во триаголна форма. Стаклените мониста во повеќе бои споени во богата композиција нашиени околу вратот и во пределот на струкот, му даваат доза на гламур и луксуз што ќе ви помогнат да блеснете како најсјајна ѕвезда на вашата матурска ноќ.

Долниот дел лелеаво паѓа по должината на вашата силуета во вид на бранови што се грациозно моделирани од органтин во темно сина и сива нијанса.

Поради префинетоста на креацијата и богатиот дизајн, оваа модна визија нема потреба од дополнителни украси, доволни ќе ви бидат само малата клач-чанта во сребрена боја со впечатливо копче и сребрените, едноставни сандали на висока потпетица со едноставни ремчиња.

Објавено:
7 април 2014
Категорија: 
Без категорија