Елена Лука ви предлага дневен и вечерен стајлинг #5

29 мај 2014

Модната куќа Елена Лука за денеска ви предлага дневен и вечерен изглед…

05-day

Мај е месец кога се актуелни свадбените веселби. Затоа денешниот предлог се однесува на две креации кои можете да ги носите на една ваква веселба. За преку ден модната куќа Елена Лука ви предлага тоа да биде црн фустан до колна. Имајќи ги предвид светските актуелности, оваа креација е совршена за една свечена пригода. Горниот дел од фустанот е со корсетска изведба, на кој рачно е аплицирана тантела, што совршено се вклопува и го збогатува. Здолништето пак е во глок, изработено од неколку слоја органтин, што придонесува за волуменозноста. Класично, дозирано, елегантно и впечатливо.

05-night

За вечерната прослава пак, брендот ви предлага креација од последната колекција „Golden reins“. Се работи за тоалета изработена од сребрено ламе. Горниот дел е повторно корсет, додека здолништето изработено од овој материјал е до колена со длабока фалта на средината. Преку него има уште едно, долго здолниште од органтин, со што се комплетира долниот дел, а двобојноста што се добива при ваквата игра со материјали, ја прави креацијата уште поинтересна и примамлива. Изгледот не би бил комплетен без модните додатоци. Во пределот на половината се аплицирани стаклени камења што оформуваат ремен и дискретно ја украсуваат тоалетата. Кога се чевлите во прашање, одличен избор се оние во златно-сребрени нијанси од истоимената колекција, изработени од висококвалитетна кожа. Така, не само што ќе се чувствувате убаво и гламурозно во креациите на Елена Лука, тие се погрижија да имате и удобен чекор.

Објавено:
29 мај 2014
Категорија: 
Без категорија