Се чини дека последниов период поминува во знакот на свеченостите. Без разлика дали станува збор за друштвена, семејна или коктел забава факт е дека Вие секогаш треба да изгледате беспрекорно. Затоа модната куќа Елена Лука заедно со својот тим и денес ви предлага интересни модни решенија.
За дневна варијанта, модниот бренд ве советува да одберете бел коктел фустан изработен од памучен и неверојатно пријатен сатен. Шармантноста на фустанот е доловена со имитацијата на џебови, аплицирани на колковите и спуштените ракави. Фустанот е со должина до над колена, а кројот ја следи линијата на вашето тело целосно истакнувајќи ја силуетата, минимализмот и формалноста. Креацијата можете да ја комбинирате со црни елегантни потпетици. Идеален и стилски избор за динамичното движење низ градските улици.
За вечерниот предлог, модната куќа Елена Лука повторно се одлучи за бел коктел фустан, но во неверојатно елегантна, сензуална и префинета варијанта. Фустанот во горниот дел е изработен од сатен во форма на „срце“ корсет дискретно попрскан со монистри во златна боја за да се долови впечатливоста на деколтето. Долниот дел е тесен и целосно изработен од органтин во комбинација со шармес. Од страната на половината фустанот има златна метална плочка на која е изгравирано логото на брендот.
Понекогаш едноставноста во кројот и дизајнот на моделот како и непретерувањето со деталите е најубавиот избор која ќе направи да блеснете.