На прагот сме на уште една нова работна недела која секако треба да ја стартувате со стил. Затоа неуморниот тим на модната куќа Елена Лука повторно ви нуди креативни решенија за вашиот дневен и вечерен изглед.
За дневна варијанта, Елена Лука ви предлага романтичен коктел фустан во сребрена боја. Фустанот е изработен од сатен на чија основа е аплицирана нежна тантела која на моделот му дава неверојатна суптилност и елеганција. Впечатливоста на конструкцијата е доловена со страничната апликација на сребрено-сива тантела и дезен од стаклени камчиња кои во вид на низа суптилно се лелеат по должината на целата композиција. Мошне инвентивна е и играта на кројот во долниот дел од фустанот која ја нагласува софистицираноста и смелата префинетост на самиот модел.
За вечерен стајлинг, модната куќа ве советува да се одлучите за долга тоалета која претставува контрастна игра на монохроматски бои. Станува збор за тоалета изработена од бел дизајниран сатен, украсен со креативен крој на парчиња изработени во мулаж техника од памучен црн сатен. Креацијата во горниот дел корсетирана, а за да се нагласи идеалната силуета на половината е стегната со црна сатенски ремен чии краеви паѓаат по должината на фустанот.
Бидете поинакви и смели, достоинствено и со стил носете ги уникатните модели на креации кои го носат потписот на модната куќа Елена Лука.