На црвениот килим продефилираа ѕвезди облечени во уникатни модели од модните куќи, а од нив направивме мала селекција за избор на најдобриот и најлош стајлинг на неделата.
Шарлиз Терон е неприкосновена убавица која секогаш знае да воодушеви со својата појава. Така и овој пат, на црвениот килим се појави во црн фустан од сатен од Диор висока мода и накит вреден 15 милиони долари од Хари Винстон. Фустанот беше во форма на сирена, со интересен корсет и со нагласено V деколте. Токму затоа Шарлиз е WOW на неделата.
За разлика од неа, Ана Кендрик која можевме да ја забележиме во првите редови на модните недели разочара со стајлингот. За доделувањето на Оскарите се појави во креација на Ј. Мендел со мал шлиц и асиметричен детал на горниот дел. Фустанот беше во црна нијанса со проѕирен дел на струкот, со геометриски мотиви и црвена клач чанта. Формата на фустанот воопшто не одговараше на конституцијата на нејзиното тело, а слоевитоста на долниот дел и лошиот избор на чевли, направија таа да изгледа преедноставно за ваква свеченост и затоа ја избравме за LOL на неделата.