Велат, вистинската радост на мајката започнува тогаш кога за прв пат ќе го почувствува новиот живот во себе, кога за прв пат ќе го слушне другото срце во неа и кога моќниот удар на нејзиното бебе ќе ја потсети дека таа никогаш не е сама!
Во чест на најубавата улога на жената, направивме ексклузивен едиторијал со една наша редовна читателка чиј живот оваа пролет ќе стане уште поубав и поисполнет.
Ние имавме можност да поминеме еден прекрасен ден со Јована Јаневска, менаџер за односи со јавност во Honeybiz и слатката Матеа Калаџиска која и правеше друштво на нејзината „другарка“ за да ја создадеме оваа прекрасна приказна.
Во интервјуто што го направивме со Јована таа говори за најактуелните проблеми што ги имаат трудниците поврзани со изборот на облеката, со промените кај телото и кожата, но и со исхраната.
Во продолжение, таа со нашите читателки ги споделува нејзините искуства поврзани со купувањето соодветна облека за трудници низ македонските продавници, но открива и дали киселите краставички во еден по полноќ се само мит!
Нека оваа облачна среда во овој момент стане супер сончева!
Наскоро го очекувате вашето прво дете. Како се соочивте со промените што му се случуваат на телото за време на бременоста?
Бременоста со себе носи низа големи физички и емоционални промени за кои ниту една книга, доктор ниту пријателка која била бремена пред вас не можат да ве подготват. Она што го научив во изминатите неколку месеци е дека менталната и психичка подготвеност за бременост се најважни во овој процес кој ви го менува целиот живот. Ако влезете во ова ново искуство со позитивна енергија и мисла, сите промени, а ги има и позитивни и негативни, ќе ги надмините лесно. Им се восхитувам на промените посебно во овој последен период бидејќи преку нив го гледам своето тело како се подготвува за последниот чин од бременоста.
Колку е тешко низ македонските продавници да се најде соодветна облека за бремени жени?
Ова можеби е и еден од поголемите проблеми со кој ќе се соочи една македонска трудница во текот на бременоста. За жал, понудата на гардероба за бремени жени во земјата е сведена на минимум и оние парчиња кои се нудат можам слободно да кажам дека се далеку од соодветни за една млада трудница, поради тоа што секое парче облека без разлика дали е фустан, кошула, здолниште е изработено како да имаат намена да ја сокријат вашата бременост и да ви додат 20 години плус. Принудени сте да набавувате гардероба од странство или пак во локалните продавници да побарате парчиња со поголем конфекциски број, а притоа да бидат соодветни за новата форма на вашето тело. Процес кој навистина е тежок.
Како се менуваше Вашиот стил во текот на бременоста, дали тој е сосема поинаков од она на што досега бевте навикнати?
Јас сум од онаа група на трудници кои до шестиот месец немаат труднички стомак и вишок килограми и затоа немав потреба да направам некои големи промени во стилот. Не ја сфаќам бременоста како период во кој е потребно целосно да го променам својот стил, напротив се трудам да останам верна на изгледот кој сум го третирала во изминатите години. Правилото по кое се водам е дека секое парче гардероба потребно е да биде комотно и со стил. На почетокот верував дека најсоодветни за мене ќе бидат пошироките кроеви на фустани и кошули, но во пракса се покажа спротивното.
Кои се парчињата од Вашиот плакар на кои подзаборавивте во текот на бременоста?
Единствени парчиња кои се надвор од секојдневниот изглед се фармерките кои се страшно непријатни во овој период, а покрај тоа што се неудобни ве прават и многу поголеми/покрупни од тоа што сте реално. Работам во област која е доста динамична и бара од мене постојано да сум во движење, поради тоа се трудам постојано да се чувствувам удобно, затоа тука се фустаните со ликра кои новата форма на телото ја истакнуваат во вистинско светло.
Како се грижите за Вашата кожа и какви промени ѝ се случуваат во текот на бременоста?
Грижата за кожата во текот на бременоста е подеднакво важна како и грижата за внес на доволно калории, витамини и минерали кои му се потребни на плодот. Кожата бара исклучителна посветеност и нега и затоа е потребно од самиот почеток да и се посветите максимално. Секојдневно одвојувам по 20 минути дневно за нега на кожата на целото тело. Користам природно масло кое ја негува, храни, ја одржува еластичноста и ја чува кожата од стрии кои се една од појавите кои со себе ги носи бременоста.
Се случува ли доцна навечер да ви се пријадат кисели краставички?
За среќа на мојот сопруг (се смее), досега не се случило ниту еднаш доцна во текот на ноќта да посакам одредена храна. Затоа ова тврдење за мене е само мит, иако познавам трудници кои секојдневно и најчесто во текот на ноќните часови имаат посебни барања за храна.
Како се подготвувате за доаѓањето на новиот член во вашето семејство?
Како се приближува деветтиот месец од бременоста така се зголемуваат и подготовките за новиот член. Неизбежни се изборот и набавката на креветче, количка, транспортер.....а она што мене посебно ме исполнува е купувањето на првите парчиња на гардероба и планирањето на првата модна комбинација за излегувањето од болница и пристигнувањето дома.
Ве плаши ли моментот што многу наскоро ќе станете мајка?
Напротив, со нетрпение го очекувам денот кога ќе се реализирам како мајка. Верувам дека една жена е потполна во целост во оној момент кога ќе стане мајка.