Мистиката на Истокот вплетена во новиот едиторијал на Надја Берберовиќ

25 октомври 2014

Кога еден креативец чиј предизвик, пасија и професија му е фотографската уметност, ќе почне да фотографира без никакви ограничувања и ќе направи фотографии по свој вкус, може да бидете сигурни дека финалниот резултат ќе биде нешто навистина пријатно, интересно и неочекувано.

Од прилика вака би го опишале едиторијалот насловен „Eastern Echantment“, кој го направи босанската фотографка Надја Берберовиќ.

„Едиторијалот е инспириран од мистичните, егзотични и префинети елементи на декоративната уметност и култура на Истокот. Приказните кои ги раскажуваат фотографиите го водат гледачот во светот на фантазијата, магијата и бајките. Богатата плејада на есенски бои и прекрасниот амбиент совршено се вклопија во визијата за претставување на еден женски идентитет кој заедно со костимографијата комплетно го отсликува духот на Истокот“, вели Надја во својата изјава.

Главната хероина во едиторијалот е 20 – годишната Мајда Захировиќ од Сараево, која има неверојатно уникатен и егзотичен изглед. Нејзиниот порцелански тен, закосените темни очи и сјајната свиленкаста коса ја прават Мајда совршен избор за едиторијал од ваков тип. За делот околу шминката и фризурата задолжена беше талентираната руска шминкерка Оксана Партилова.

„Ова е моја втора соработка со Оксана и навистина сум воодушевена од нејзиниот талент и начинот на кој буквално ми ги чита мислите, односно секогаш однапред има смислено идеален make – up за едиторијалите кои ги планирам. Во иднина планирам да продолжам со нашата соработка и веќе работиме на неколку идеи за тоа кој би бил нашиот следен предизвик, открива фотографката.

 

Објавено:
25 октомври 2014
Категорија: 
Фото галерија