Албер Елбаз: Човек кој ги спои гламурот и удобноста

12 март 2014

Кога ќе се спомене името Албер Елбаз прва асоцијација се Ланвин и гламурозните фустани. И вратоврската-пеперутка по која е препознатлив. Со својата работа тој успеа да го освои срцето на модните познавачи ширум светот.

Роден е во Мароко, а расте во предградие на Тел Авив. Како дете е опкружен со уметност, бидејќи мајка му била сликарка, а татко му фризер. Малиот Албер уживал гледајќи ги ја нивната работа со бои, па одлуката да студира дизајн не е изненадување.

Да успееш на светската модна сцена по завршувањето на студиите, не е воопшто едноставно, па многумина и се откажуваат на тој пат. Но, не и Албер, на кого работите му одат од рака.

Њујорк е неговата дестинација по дипломирањето и таму почнува да ја гради својата кариера. Првите дизајнерски чекори му се фустани за венчавки, а подоцна му се отвораат можности да соработува со познати модни имиња и брендови како Ив Сен Лоран. За ова куќа почнува да работи в 1998 година и дебитира со ready-to-wear колекција.

Но, после успешниот почеток следат промени. Компанијата Гучи одлучува да ја преземе фирмата и тогашниот главен човек, Том Форд ја прекинува соработката со него, што остава голема трага кај Елбаз.

-Доживеав голем шок и со денови не излегував на места каде што би можел да сретнам некој од светот на модата, затоа што стравував дека веќе сум заборавен - вели дизајнерот.

Сепак, отказот за него не значеше и крај на кариера, туку нов почеток и тоа за италијанската куќа Krizia, а успехот допрва следи. Неговата приказна со Ланвин започнува во 2001 година. Всушност, таа соработка значи многу за двете страни. За заборавената париска модна куќа голем пресврт, а за него добивање на своите пет минути. И тие пет минути траат повеќе од 10 години.

Тој успеа да ја претвори Ланвин во еден од најпопуларните брендови во светот, проширувајќи ја работата од 15 на 400 држави за соработка. Со оваа соработка Албер Елбаз успеа да го впише своето име во модната историја.

А што го прави Елбаз поразличен од другите?

Тоа што неговата работа започна тивко и незабележливо, без големи најави. И самиот тој смета дека работата со мода не ја прават успесите и поразите, туки процесот на создавање и креирање. Освен во тоа, Елбаз ужива и во маркетингот но и модата како бизнис. Но, сепак во преден план се става како уметник.

Елеганција, луксуз но и удобност се епитетите кои најдобро би ги опишале неговите креации. Некои сметаат дека фустаните што тој ги создава се романтични. Сепак, Албер истакнува дека кога креира, креира со мисла да биде практичен и да ја поедностави модата на жените, бидејќи нивните животи се се' покомплицирани.

-Сакам да им дадам на жените задоволство, какво што им дава чоколадото - вели дизајнерот.

Дека е вистински и сестран уметник говори и фактот дека покрај фустани, ужива во создавање и на чевли, накит и модни додатоци.

Соработката со H&M пак му донесе нова публика, а љубителите на неговата работа беа воодушевени што сега ќе можат да си дозволат креација по пристапни цени.

А како го опишува својот однос со колегите?

-Не сум љубоморен на останатите дизајнери, љубоморен сум само на луѓето кои можат да јадат, а не се здебелуваат - изјави Албер во една пригода, прикажувајќи ја и својата духовита страна. Она што исто така го открива од својата поинтимна страна е дека не му е важно на кое место се наоѓа, туку со кого. Важно му е да е опкружен со позитивни луѓе.

Успехот во својата работа го должи и на тоа што секогаш се труди да им даде максимален третман на сите присутни на неговите ревии, особено новинарите.

-И јас да сум на нечија ревија, во студена или загушлива просторија би сакал да бидам понуден со пијалок или чоколадо - искрен е Албер, кого во модниот свет, а и оние што лично го познаваат велат дека е скромен и пријатен човек кој им овозможи на жените да се чувствуваат удобно во гламурот.

Објавено:
12 март 2014
Категорија: 
Модна икона