11 непогрешливи евергрин летни комбинации

7 август 2014

За повеќето од жените секогаш важи клишето „немам што да облечам“. Но, се разбира дека имате облека, а ви недостига само инспирација. Не губете надеж пред гардероберот и најдете го модното „злато“ во темнината. Потрагата може да биде многу полесна отколку што замислувате. Во продолжение ви посочуваме 11 непогрешливи летни комбинации во кои секогаш ќе изгледате ултра модерно. Наш совет, откако ќе ја прочитате содржината, да се препуштите на работа, односно од плакарот да ги издвоите сите базични парчиња кои се предложени од комбинациите и да ги распоредите на првите закачалки и полици за да ви бидат полесно достапни.

 

1.Принт кошула+ цигара панталони

Веруваме дека поседувате барем една летна транспарентна принт кошула со копчиња која го чека вистинското време за вистинската комбинација. Комбинирајте ја со класични цигара панталони, а врз неа можете да облечете сако, пуловер,елек, но одлична е и споена самостојно со панталоните. Високите потпетици одлично ќе се надополнат, но нема да погрешите и ако облечете летни патики или рамни сандали.

 

2.Црно-бел минимализам

Спој на црно бело, зарем има некоја друга комбинација која е поголем евергрин од минималистичкиот печат на црната и белата. Едноставно, црните и белите парчиња облека ставете ги на едно место, па што и да изберете сигурно е дека ќе изгледате кул, шик и модерно.

 

3.Широка блуза+ тесно здолниште

Стилот подразбира контраст и баланс.  Токму таква комбинација можете да постигнете со спој на широка блуза и кратко тесно здолниште. Со тоа акцентот ќе биде ставен на нозете кои ќе изгледаат подолги и потенки. Не мора целосно да ја вовлекувате блузата, туку можете да го извлечете задниот дел од кај појасот. Оваа комбинација е идеална за свежите летни вечери.

 

4.Краток топ+здолниште во висок струк

Дури и да имате вишок килограми можете да си дозволите краток топ, но доколку го комбинирате со здолниште со висок струк. Девојката од фотографијата тоа го извела со комбинација на комплет од принт парчиња, од кои здолништето е во смирени линии од кројот. Слободно можете да облечете и таква во А крој што дополнително ќе го покрие пределот околу колковите.


5.Долг пуловер+ кратки панталони

Ова е омилената комбинација на многу модни трендсетерки. Пуловерот нека биде во должина која ќе го покрие задникот, но не и предолг. Ваквиот пуловер може да го споите и со кратки панталони и со мини здолниште, а бидете уверени дека на себе ќе имате непогрешлив стајлинг. Ова е игра на откриено-покриено што придонесува за женственост и сексапил.


6.Маичка со пруги+фармерки

Кога од сè ви е здодевно помислете на вашата маичка со принт од пруги.  Морнарскиот фазон никогаш не умира, затоа не мислете се многу, облечете ја морнарската маичка и омилениот чифт фармерки и подготвени сте за нови предизвици што ви ги овозможува денот.


7. Краток принт фустан+ „гладијаторки“

Во ваква комбинација комфорот ви е гарантиран. Во никој случај ваквиот модел на широк фустан не го стегајте со ремен на половината, туку напротив оставете го да лебди околу вашето тело. Женственоста ќе ја потенцирате само со високите потпетици со врвки во гладијаторски стил.

 

8. Класично палто+ кежуал маичка

Оваа сезона кежуал маичките се едни од најприменуваните во спој со кракот шорц. Комбинацијата како на фотографијата е идеална за работен стајлинг доколку работите во полиберална канцеларија. Сепак,  иако носите класично летно сако, потрудете се да изберете и кратки панталони кои сепак нема да откриваат премногу од нозете, може да бидат и бермуди.


9. Мини здолниште+машка маичка

Слободно побарајте и некоја маичка од гардероберот на вашето момче или сопруг. Тој сигурно има неколку вакви маички кои кај девојките станаа инстантно популарни посебно од уличната мода низ модните метрополи. Не двоумете се слободно позајмете ја  и комбинирајте ја со мини здолниште.


10. Мото јакна+ фустан

Зарем има нешто повредно од кожената мото јакна? Нема место на земјината топка каде не се носи мото јакна. Спојте ја со било кое Ваше омиле но фустанче, фармерки, шорц, со неа секогаш ќе изгледате модерно и индивидуалистички.

 

11. Ситен+ крупен принт во иста нијанса

Предизвик е да се комбинираат два различни принтови. Соберете доволно самодоверба и побарајте во плакарот слични бои на ситен и крупен принт. Никогаш не комбинирајте парчиња со иста димензија на принтот, истата боја е дозволена и изгледа одлично.


 

Објавено:
7 август 2014
Категорија: 
Направи сам