Студената зима и деновите што се пред нас некако секогаш нѐ тераат целосно да му се предадеме на чоколадото и сите варијанти во кои тоа доаѓа.
Покрај топлото чоколадо, што е подобро од слатки бисквити со чоколаден прелив или познатите американски колачиња кои овој пат доаѓаат во едно ново, уште послатко руво.
Во принцип рецептот и постапката до некаде се исти, само што наместо неколку помали, овој пат правиме едно големо колаче и истото го печеме во тава со многу чоколадо.
Потребно:
115 грама мек путер
70 грама шеќер во прав
70 грама кафеав шеќер
210 грама брашно
Едно јајце
Една лажица екстракт од ванила
Пола лажица прашок за пециво
75 грама чоколадо исецкано на ситни парчиња
Подготовка:
Загрејте ја печката на 160 степени и измачкајте со малку масло една тава како на фотографијата или пак некој друг сад во кој вообичаено печете торти.
Во еден сад добро измешајте го путерот, шеќерот во прав и кафеавиот шеќер, додајте го екстрактот од ванила и јајцето и продолжете да мешате. Сосема на крајот додадете го брашното и прашокот за пециво, нежно мешајте и кога ја имате совршената смеса, ставете ги парчињата чоколадо.
Ставете ја смесата во тава и печете околу 25 минути додека тестото не добие златна боја. Ако сакате нешто повозбудливо, смесата поделете ја на два дела, првата половина ставете ја во тавата, премачкајте ја со крем и покријте ја со остатокот од тестото.
Оставете малку да се излади пред да ја пресечете и уживајте во единствениот вкус на совршено и сочно чоколадо.