Каде грешиме при уредувањето на домот?

24 јануари 2018

Кога сами го уредуваме ентериерот во домот, многу често се соочуваме со ситуација: нешто недостасува или не е во соодветна функција.

Затоа треба да посветиме внимание на прашањето – Каде најчесто грешиме при уредувањето на домот?
Иако секој ентериер е приказна за себе и има свои предности и недостатоци, сепак постојат неколку корисни трикови што треба да ги имате во предвид доколку сте во фаза на уредување на домот, а сакате да постигнете максимален ефект.

Сите парчиња мебел не мора да бидат поставени покрај ѕид
Дозволете му на просторот да „дише" и не го „прилепувајте" целиот мебел покрај ѕид. Наместо тоа, разгледајте ја опцијата кои од парчињата мебел оптимално ќе може да ги поставите на пример во средината на дневната соба.

Килимот како ориентација во просторот
Не го занемарувајте килимот, туку искористете го како ориентација како да го распоредите мебелот.

Не ги избегнувајте впечатливите завеси за прозорите
Многу често младите домаќинства се без завеси на прозорите, со цел да се постигне ефект на минимализам и чистина во просторот. Но, понекогаш на сметка на „голите" прозори го губиме чувството на топлина. Затоа, ако имате можност изберете впечатливи завеси или ткаенини за прозорите кои ќе соодветствуваат на стилот на ентериерот.

Не штедете на светло
Еден од најбитните сегменти во домот е светлината. Колку повеќе природна светлина, толку подобро, но никогаш не ги оставајте во втор план светлечките елементи со кои може да направите голема трансформација во просторот. Играта со различни типови на светилки може да биде клучен момент во постигнување на максимален естетски ефект во ентериерот.

Не ги заборавајте деталите
Многу често при уредување на домот забораваме на клучното значење на деталите. Токму преку изборот на декоративни елементи ќе го потенцирате вашиот индивидуален стил и ќе оставите ваш личен печат во домот со што ќе си обезбедите уште попријатен амбиент. Украсни перници или рамки со ваши пораки, рачно изработени детали, цвеќе или скулптури - ќе му дадат посебен естетски печат на просторот во кој секојдневно функционирате.

 

Објавено:
24 јануари 2018
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
4.611 пати