Многупати досега говоревме за фактот дека не мора слепо да ги следите трендовите за да бидете стилска дама, а денеска, по кој знае кој пат тоа ни го потврдува и директорката на модниот бренд Goat, Џејн Луис. За сите девојки во светот, таа посочува неколку совети за кои веруваме дека ќе ви бидат од голема корист!

Секогаш бирајте го личниот стил пред модата...

Стилот е дефинитивно нешто што секоја девојка го носи во себе, и нешто што низ годините се усовршува. Токму тој ве прави уникатни и секогаш поразлични од другите. Она што треба да го направите, е секогаш да се држите до сопствениот стил, иако многупати ќе ви се случи да бидете „ослепени“ од модните трендови, магазините и дизајнерските колекции. Да се биде тренди значи да знаете кога да ги пропуштите трендовите да поминат покрај вас. Секогаш бидете храбри и пробувајте нови парчиња, па дури и ризикувајте, но секогаш држете се до вашиот стил по кој сите ве препознаваат.

Одбирајте облека во која ќе ви биде удобно

Едно од најзначајните стилски правила е дека комфорот е еднаков на самодовербата. Ако се чувствувате неудобно во вашата облека, на пример, доколку потпетиците ви се премногу високи, но сепак ги носите, многу лесно можете да ја изгубите самодовербата. Удобноста и слободата на движење во различни парчиња се најважните елементи на облекувањето, кои многу често ги земаме „здраво за готово“.

Балансот е секогаш важен во комбинациите

Балансот, димензиите и пропорциите се фундаментални за математиката на модата. На пример, кога носите краток топ, комбинирајте го со тесни фармерки или волуменозно здолниште во А – крој. Никогаш, не комбинирајте кратко здолниште со длабоко деколте! Секоја комбинација треба да ги изрази вашите најдобри атрибути, така што секогаш бидете свесни за нив. Неверојатно важна е долната облека, така што секогаш внимавајте да не ви се познаваат рабовите на тесното здолниште или фустан, и секогаш обидувајте се да не се забележуваат прерамките од градникот затоа што тоа изгледа неверојатно невкусно.

Секогаш одбирајте слоевита облека во слични нијанси

Парчињата во слични тонови и нијанси се задолжителни за слоевитото облекување. Бидете храбри со материјалите, но не претерувајте. На пример, оваа зима задолжително набавете си долг капут во крем боја и носете го со кафени панталони и џемпер во слични нијанси. Едноставноста е нешто кон што постојано треба да се стремите, и иако сметате дека со таквиот изглед нема да бидете впечатливи, бидете сигурни дека ќе биде сосема спротивно!

Објавено:
25 ноември 2014
Категорија: 
Направи сам