На социјалните мрежи под ознаката #СедиСиДома корисниците на социјалните мрежи даваат предлози за тоа што би можеле интересно да правиме додека сме дома и ги почитуваме препораките/забраните на Министерството за здравство и Владата.
Очигледно дека брзиот начин на живот и Интернетот нè натераа да заборавиме како е да си малку повеќе дома, да уживаш со најблиските, па и сам со себе. И иако во прв момент оваа ознака беше знак дека сме заборавиле како да поминуваме време со децата, како да ги анимираме, како да разговараме можеби меѓусебе, сепак е и позитивна бидејќи ќе нè потсети на важноста на комуникацијата и семејството, кое се надеваме ќе потрае и после превентивните мерки.
Ние денеска, ќе се осврнеме на една постара игра за деца, која веројатно е и заборавена, но е мошне интересна, креативна и модна.
Кукли од хартија.
Некогаш беа дел од списанија, а потоа ги правевме и сами. Иако кај нас ги нема, во светот сè уште функционираат. а повеќето од примерите кои ние ќе ви ги презентираме во продолжение се од страницата Papper Dolls By Cory.
Се одлучивме за Дизни принцези. Потребно ви е поцврста хартија или картон, ножици, фломастери или боици и креативност.
Шаблонот можете да го испринтате, па да го аплицирате на картон, или ако имате поцврста хартија да ја пуштите неа на принт и потоа само да исечете со ножици по обележаните линии.
Потоа следејќи го обликот на куклата цртајте облека и бојте ја со боици, фломастери, водени боици, темперни... За оние покреативните, облеката можете да ја составувате и од ткаенина и да ја будите својата креативност.
Облечете ги Пепелашка, Бела, Елса или Ана онака како што вие сакате и замислувате.
Инаку, овој тип на кукли за првпат се појавуваат во културата на стариот Исток. Во Кина, од тогашната хартија се правеле кимоно костими (некој вид оригами), кои се пуштале да плутаат по вода. Кукли од хартија се правени и на Бали, а неретко и од кожа, кои се користеле во рамки на разни церемонии.
Кога е Европа во прашање, во 19. век во Британија се појавуваат првите кукли од хартија, кои личат на оние кои ги знаеме и денес, со неколку парчиња облека кои се сечат и се закачуваат на куклата. Првиот назив на куклата бил „Англиска кукла“ имала корсет, неколку слоеви за здолниште и уште неколку парчиња облека.
Хартиените кукли станале мошне популарни, па од Англија трендот се проширил најпрво во Германија, а потоа и во остатокот од Европа.Се смета дека првите вакви кукли се правени за деца и дека најголемиот произведувач во Велика Британија била компанијата „S&J Fuller“ со рачно насликаната кукла „Little Fanny“.
Во Америка пак, во 1828 година, издавачката куќа „McLoughin“ стана најголемиот произведувач на хартиени кукли во САД, а потоа и во светот. Она што првично беше занимација за деца, сега стана интересна активност за сите генерации, но во почетокот можеле да си ги дозволат само поимотните.
„Godey's Lady's Book “ беше меѓу првите магазини кои почнаа со печатење на кукли од хартија. Во почетокот биле црно-бели, со што можеле и да се бојат, а потоа се појавија и оние во боја.
Почетокот на 20 век донесе нови модни трендови и нови личности. Куклите од хартија се користеа како начин за презентирање нови колекции во модните магазини, пред сè во француските. Куклите најчесто имале име, а дел од нив оделе во комплет со приказна, домашно милениче или мебел.
Од 30 години од минатиот век масовно почнуваат да се печатата хартиени кукли со ликот на познати личности меѓу кои Елизабет Тејлор и Бренда Стар, Џенис Џоплин, Џими Хендрикс, Елвис Присли, но и членовите на британското семејство. Тоа е случај и денес. Постојат кукли на пример со ликот и стилот на Кејт Мидлтон, но и Лејди Гага, Ријана...
На Балканот, хартиените кукли доаѓаат во седумдесетите години на минатиот век. Вашите мајки сигурно се сеќаваат дека во „Политикин забавник“ имаше рубрика „Обуци Цицу“, бебе со три русокоси прамени. Потоа, освен бебето, се појавија и хартиени кукли на Денис, Страшниот Хогар и Хелга, Сара Кеј... Имаше и посебни изданија кои носеа назив „Модата низ вековите“.
Денеска постојат колекционери, па на сајтовите за онлајн продажба можете да најдете и некои од овие постари изданија.