Портфолио Џулија Рестон Ројтфилд: ИТ девојка со неверојатно креативен вкус!

19 февруари 2014

Мајка, креативна директорка и основачка на веб страницата Romy and the Bunnies, но и млада девојка со неверојатно креативен вкус – прекрасната Џулија Рестон Ројтфилд.

Таа е родена во Париз во 1980 година, а последниве години активно се занимава со манекенство, фотографија и е заштитно лице на многу модни брендови.

Откако со шведскиот модел Роберт Конјиќ ја доби ќерката Роми, приоритетите на прекрасната Џулија се променија, што може да се види и по нејзините профили на социјалните мрежи.

Нејзиниот стил, неверојатните очи и секако, презимето, го откриваат социјалниот слој на кој таа му припаѓа: нејзината мајка е познатата Карин Ројтфилд, која некогаш работеше како главна уредничка на франуското издание на магазинот Вог.

Нејзината мајка е нејзина инспирација и личност која и ги отвори вратите кон успешна кариера, во која соработуваше со Жан Пол Готје и Зак Посен, стана заштитно лице на компаниите како Том Форд и Манго, а дизајнираше и модна линија за Кики Де Монтпарнас.

Нејзините последни ангажмани ја вклучуваат и кампањата за пролет/лето на брендот Сисли. Кога таа имала само четири години, нејзините фотографии се појавиле и во неколку реклами за Бенетон.

„На снимањето имаше многу деца, сето тоа изгледаше како огромна забава“, се присетува Џулија на нејзините почетоци.

Забавата за неа продолжува и по многу години. Само што денеска, има многу повеќе обврски.

„Морате да балансирате и секако, да се откажете од нешто. Спијам по пет часа секој ден. Некогаш ми се премалку и се чувствувам многу изморена. Сега работам и повеќе од пред раѓањето на мојата ќерка. Но, работата и таа прават да се чувствувам сосема задоволно, исполнето и секогаш со позитивна енергија“, вели Џулија.

Нејзината неверојатно позитивна енергија може да се забележи и во сето она што таа го прави. Вели, модата и уметноста отсекогаш биле нејзините предизвици.

„Отсекогаш сакав да го работам тоа. Во училиштето секогаш добивав добри оценки по сите уметнички предмети и знаев дека мора да се занимавам со нешто креативно.Не можев да одредам дали тоа ќе биде фотографија, архитектура или нешто друго. Но, модата едноставно се појави и ме зема под своја закрила“, раскажува таа.

Прекрасната Џулија инспирацијата за својата секојдневна работа ја пронаоѓа низ улиците во Њујорк и од старите филмови од 50 – тите и 60 – тите години. Ние едноставно го обожаваме нејзиниот несекојдневен, гламурозен изглед, шминката, фризурата и сѐ што прави. Таа дефинитивно е млада жена која има уште многу да му даде на светот, а ние едвај чекаме.

Објавено:
19 февруари 2014
Категорија: 
Портфолио