Кафето е еден од омилените пијалоци на многумина. Утрата тешко можеме да ги замислиме без да се напиеме турско, еспресо, макијато, нес или некоја од другите комбинации што го вклучуваат кафето.
Токму неговиот вкус ги поттикнал слаткарите да креираат десерт што изгледа како зрно кафе, ја има онаа позната арома, а згора на сè е одлична закуска што можете да ја конзумирате со вашето омилено кафе.
Состојки:
• 120 грама брашно
• 80 грама путер на собна температура
• 65 грама шеќер во прав
• 2 лажици густин
• 2 лажици какао во прав
• 1 лажица инстант кафе
• 1 лажица врела вода
• 1 жолчка
• малку сол
Подготовка:
Во еден сад измешајте ги брашното, густинот и какаото. Во друг сад направете еднолична смеса од шеќерот во прав и путерот. Потоа додадете го кафето растворено во вода и жолчката. На крај соединете ги сите состојки заедно, додека не добиете мазна, еднолична смеса за тесто.
Ставете го тестото во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер 15 минути. Од тестото се одвојуваат мали овални парчиња, коишто се редат на тава за печење, обложена со хартија. Со помош на чепкалка за заби на секое парче направете вдлабнатина за да го добие изгледот на зрно кафе. Колачите се печат на 180 степени, 12-15 минути.
По желба може да се декорираат со чоколадо.
Фото: Pinterest