Веруваме дека викендов ќе го искористите максимално некаде во природа, но доколку ви остане малку слободно време, тогаш го имаме вистинскиот рецепт кој ќе го собере целото семејство на едно место.
Овој пат, направете „банана леб“, нешто слатко кое ќе им се допадне на сите, а што е најважно, ќе го обожаваат и најмалите.
Оваа здрава варијанта на благ леб е вистински хит во светот, особено затоа што се прави за многу кратко време, полн е со витамини, а вие можете да ги ставите сите оние овошја на кои не можете да им одолеете.
Можете да му додадете и бело или темно чоколадо што ќе му даде уште подобар и посладок вкус и секако, да го украсите по желба.
За овој викенд ви предлагаме еден супер лесен и брз рецепт за кој знаеме дека ќе ни бидете благодарни.
Потребно:
Половина шолја маргарин или путер
Една шолја шеќер
Две јајца
2, 3 банани
Една лажичка сода бикарбона
Две шолји брашно
Малку сол
Малини, вишни, цреши по избор
Подготовка:
Изматете го маргаринот со шеќерот, па додајте ги јајцата додека не се соедини смесата. Бананите изгмечете ги добро и рачно соединете ги со смесата. Додајте го и овошјето по избор, а можете да ставите и сецкани бадеми или лешници.
Ставете ја целата смеса во калап за печење претходно измачкан со маргарин и печете околу 50 тина минути на 200 степени.
Добар апетит!
Извор: Coolinarka