Летото е период кога докторите препорачуваат да конзумираме полесна храна и да ги избегнуваме калоричните оброци и брзата храна. Со вакви високи температури и природно ни доаѓа да јадеме нешто полесно и да конзумираме многу вода, како би можел нашиот организам да го издржи топлиот бран.
За денес ви издвоивме три освежителни салати кои нутритивно ќе ги задоволи потребите на вашиот организам, ќе ве освежат и ќе уживате во прекрасниот микс од вкусови.
МЕДИТЕРАНСКА САЛАТА
Оваа салата е многу лесна за подготовка, а бара само малку сецкање. Состојките се: зелена салата, каламата маслинки, наут, домати, краставици, фета сирење, кромид и дресинг сос. Исецкајте ги сите намирници на што е можно поситни парчиња и ставете ги во длабок сад. Дресингот направете го од маслиново масло, лимонов сок, сенф, толчен лук и ситно сецкан магдонос. Прелијте ја салатата и измешајте ги сите намирници. Имате богата салата за кратко време.
САЛАТА СО ПЕЧЕНА ПЧЕНКА И АВОКАДО
Оваа салата е едноставна за подготовка и содржи малку состојки, а изобилува со прекрасни вкусови. Потребни ви се парченца печена пченка, домати, авокадо, свежи ливчиња магдонос, лимонов сок, маслиново масло, сол и бибер. Пченката оставете ја на парчиња без кочанот, авокадото и доматите исецкајте ги на парчиња, а ливчињата магдонос ставете ги цели. Додадете сол и бибер по желба, прелијте со масло и сок од лимон, измешајте и уживајте во сочноста и вкусовите.
САЛАТА СО ЛУБЕНИЦА
Лубеницата е една од првите асоцијации кога ќе помислиме на лето, и штета би било да не се искористи во некоја салата. За оваа салата потребна ви е лубеница, фета сирење, краставица, нане, сок од лимон и морска сол. Лубеницата, фетата, краставицата и нането исецкајте ги на мали парчиња, додадете сок од лимон и сол, промешајте и уживајте.
Фото: Pinterest