Викенд рецепт: Три топли потаж супи за поубави зимски денови

28 јануари 2022

Во студени зимски денови секогаш се добредојдени вкусни топли супи. Ние пронајдовме три супер рецепти, кои можат да ви послужат како предјадење или главно јадење.

Одберете си ја омилената или пак пробајте ги сите три и уживајте:

 

Потаж од компир и праз (за 4 лица)

Состојки: 2 компира, 3 парчиња праз, 1 кромид, 2 големи парчиња лук (цели), 2 лажици путер, 1 л бујон од зеленчук, 1 лажичка сок од лимон, 1 лажичка маслиново масло, малку мајчина душица, сол, бибер

Подготовка:

На белиот лук исечкајте ги врвовите (како што правите и за кромид), па површината премачкајте ја со маслиново масло и по вкус зачинете со сол и бибер. Потоа завиткајте го во алуминиумска волија и печете околу 30 минути на 200 степени. Во поголем сад, темелно исчистете го лукот и испасирајте со вилушка.

Излупете го компирот и исечкајте го на помали парчиња. Празот преполовете го и тенко исечкајте, исто така и кромидот.

Во длабоко тавче, загрејте го путерот и пропржете го кромидот (на средна темепература), додека да добие кристална нијанса. Потоа, додадете го празот, компирот и мајчина душичка, па мешајте додека не омекне. На крајот, додадете го испасираниот лук и прелијте со бујонот.

Чекајте да изврие, па намалете го оганот и поклопете. Варете околу 20 минути, додека компирот не омекне. На крајот, смесата ставете ја блендер, додадете лимонов сок, соединете и послужете. 

 

Потаж од грашок (4 лица)

Одличен, дури и да не сте фан на грашок, оваа комбинација ќе ве освои.

Потребно: 2 лажици путер, 2 кромида, ситно исечкани, 2 чешниња лук, ситно исечкани, 1 лажичка толчен пипер (или буковец или црвен пипер), 450мл пилешки бујон, 600 грама грашок, малку коријандер, сол, бибер, павлака и малку пармезан за декорација

Подготовка:

Земете длабока тава и загрејте ја, па додајте путер, кромид, лук и пипер. Пропржете се' заедно околу пет минути, додека не омекнат и не добијат златеста нијанса. Потоа, ставете го пилешкиот бујон и грашокот, а кога ќе зоврие оставете неколку минути на тивок оган да се вари, додека не омекне грашокот.

Додадете сол, бибер и коријандер по желба. На крај, изблендирајте (високите блендери се позгодни за ова, но и да немате таков, искористете каков имате) додека не добиете кремаста текстура. Ако е премногу густо, додадете малку топла вода.

Сервирајте во чинии, па декорирајте со палвката и малку пармезан. Покрај тоа, можете да додадете од омилените семки, или нане, зачини итн... 

 

Потаж од морков (4 лица)

Потребно:  500 гр исчистен морков, 1 литар вода, 1 коцка пилешки бујон, 2 лажици масло, 2 кажички брашно, 1 лажичка бибер, 1 жолчка, 2 лажици кисела павлака

Подготовка: морковот исечкајте го на помали парчиња и ставете во литро студена вода. Оставете да се свари (без зачини), но внимавајте да не ви из, врие многу вода, 1/3 отприлика би било идеално. Кога морковот ќе се свари, извадете го и испасирајте , а во водата во која се варел ставете ја коцката пилешки бујон. Во друга тава, ставете две лажици масло и 2 лажици брашно. Благо пропржете го брашното, да не потемни, туку да добие светло златна боја. Потоа, додајте го морковот и пропржете го на тивок оган со постојано мешање, пет до седум минути. Водата со пилешки бујон ставете ја да зоврие, па потоа ставете ја во смесата со морковот, мешајќи постојано. Кога ќе се соедини, додајте една лажичка бибер. Од смесата одвојте две црпалки потаж во некој сад да се подизлади. 

Жолчката помешајте ја со две лажици кисела павлаката, а таа смеса потоа малку по малку додавајте ја во подизладениот потаж. Кога ќе се соединат убаво, додајте ја смесата во остатокот од топлиот потаж, со постојано мешање.Кога убаво ќе се соединат, вратете на рингла и на тивок оган и варете уште седум минути со постојано мешање. Додадете сол по вкус. 

Овој потаж е вкусен и кога е ладен. Но, ако случајно ви остане, кога ќе го подгревате следниот пат, внимавајте да не врие.

 

 

 

Објавено:
28 јануари 2022
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
763 пати