За само 10 минути: Три лесни летни десерти

24 јули 2020

Викендот е пред нас, па зошто да не се почестиме со убав десерт. Ако сте од оние што не сакаат да се задржуваат во кујна, тогаш сме сигурни дека рецептите во продолжение ќе ви го привлечат вниманието:

Сладолед торта

Состојки за „тесто“: 16 бисквити „Орео“ (или некој друг сличен, крцкав), 60 грама растопен путер

Состојки за фил: 1.5 килограм сладолед од ванила и 24 искршени бисквити „Орео“

Подготовка: Бисквитите за тесто убаво сомелете ги и помешајте ги со растопениот путер. Смесата рамномерно распоредете ја на дно на калуп со дијаметар 20 сантиметри. Сладоледот оставете го малку на собна температура, за да можете полесно да го помешате со искршените бисквити. Некои можете и само да ги преполовите, за да изгледа поинтересно при сервирањето. Сладоледот рамномерно распоредете го врз бисквитите и измазнете. Тортата ставете ја во ладилник, најмалку четири часа.

 

Тирамису во чаша

(Без маскарпоне и јајца)

Основни состојки:10 пишкоти, 4 лажици еспресо (или друго кафе), 2 лажици рум, какао во прав за декорација.

Состојки за кремот: 300 грама крем-сирење, 100 грама шеќер во прав, 1 лажичка екстракт од ванила, 3 лажици рум, 2 лажици еспресо (или кафе обично), 300 грама слатка павлака.

Подготовка на кремот: Крем-сирењето и шеќерот во прав изматете ги со миксер, па додадете ја ванилата, кафето и румот. Потоа додадете ја разладената слатка павлака и матете се' додека не добиете лесна, воздушеста крем смеса.

Состојки за чоколадниот прелив: 60 грама чоколадо, 60 гр. слатка павлака

Подготовка: Слатката павлака загрејте ја во мал сад, па прелијте ја преку чоколадото кое претходно сте го исечкале. Оставете да отстои минута, а потоа мешајте додека чоколадото сосема не се растопи.

Составување на десертот во чаша:

Помешајте го еспресото и румот (од основните состојки) па во тој микс потопувајте ги пишкотите. Потоа преполовете ги и поставете ги на дно на чашата . На првиот ред пишкоти додадете две лажици од првиот крем, а потоа малку од разладениот прелив од чоколадо. Потоа ставете уште еден ред пишкоти и од првиот крем. Така наполнети чашите ставете ги во фрижидер барем два часа. Пред послужувањето, наросете какао.

 

Сладолед од банана и Нутела

Потребни состојки: 4 големи зрели бананди, исчистени, исечкани и замрзнати и 4 лажици Нутела

Подготовка: Исчистете ги бананите, исечкајте на помали парчиња и замрзнете. Потоа, така замрзнати ставете ги во блендер. Добиеното пире ставете го во чинија и во неа додадете ја Нутелата. Добро измешајте додека не добиете мазна смеса. Можете да послужите веднаш, но ако сакате поцврст сладолед, крајната смеса ставете ја во замрзнувач на неколку часа.

 

 

 

 

 

Објавено:
24 јули 2020
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
2.913 пати