Дневник Илија Илов: По „Епот за Гилгамеш“, тој, ти и јас, останавме исти

21 јануари 2014

Ако историјата е писано казание, тогаш тоа е премногу ладно за нашиот еректиран крвен притисок. За да се дојде до топлотно приказание на приказничноста на историјата, потребно е орално артикулирање на истата, тоа ќе биде чин на сликовит акт на казанието. Од таму започна, одзивањето на нештата, во светот, од заплашувачките сенки кои мотивираа чкртаници во несвесноста, исполнети со крици, преку историјата, која започна со писание, а сенките од цртичките и хиероглифите ги откриваа тие штрби кикотења.

Во нашиот денешен план за работа го имаме: „Епот за Гилгамеш“( 2700 година п.н.е.) како дел од Асиро- Вавилонската култура, како прв зачуван пишан текст.

Штом веќе ми е дозволено да оперирам со илустрирачка слобода, зошто да не си дозволам, Гилгамешово телесно воскресение. Штом тој се издигнал над народот достоен за воспевање, значи дека бил човек качен на пиедестал, подготвен да претрпи клонови. Точно тоа, нас не’ интересираат, вековите исполнети со големи трпители кои го полнеа значењето на џентлменот, таму каде што започна брусењето, таму кај што човештвото испиша страни, тука сме ние да го реконструираме поимот во нашата експертиза на дефинирања и дешифрирања на нештата.

- Да ги проследиме Гилгамешовите манири, низ негово физичко портретирање (наш интерес ќе биде Епот за Гилгамеш, а не Гилгамеш како лик во историјата).

За да не дојде до недоумици околу тоа каква врска има сега џентламенството со Гилгамеш, само да ги земеме почетните точки за тоа како доби на значење зборот џентламен, кој во себе ги носи следниви предиспозиции: отмен, префинет, благороден, љубезен, чесен и човек со карактер.

Гилгамеш е две-третини Бог, тоа ни се почетни запишани генералии за неговиот лик. Веднаш можеме да ја започнеме нашата обдукција и реанимација на ликот, која ќе ни биде потребна како начин за општење, за тоа што треба да има еден џентламен, надворешно перје со внатрешно китење, бидејќи красотата е стекнат чин и својата цена ја менува од потребите на општеството. Можеби, единствено нешто што денес му фали на општеството, е дефинирање на убавината на нештата.  Џентлмен е збир од колективно остварување на нештото и како сите поими кои се полнеле со значење настанал како несвесно бдение.

Да извршиме обдукција и реанимација на ликот на Гилгамеш. Реанимацијата нека се случи во пулсот од нашите шаки како оклоп или како клопка (стапица) на анатомските елементи за градењето на ликот. Сега на почетокот ќе отвориме ново и значајно прашање, зошто ние го негуваме култот кон влакната и од како тоа дошло  денес? Култот на влакната, не настанал како култ кој ја подржува убавината во обликувањето на истите (како денес), напротив, тоа е стар пагански култ, за кој  се сметало дека во влакната се наоѓала душата и бил високо табуизиран. Кога главниот племеник требал да се ги скрати своите долги влакна (коса, мустаќи брада), доаѓал човек кој му ги сечел, а потоа ги јадел и тој бил убиван кога ќе завршел со гостењето од главаторовите влакна. Затоа од овој култ произлегоа редица на митови, кои пред нас, најпознат е митот за магичните влакна во кои лежи силата. Култот на чување на влакната, во себе содржи страв од  несигурност и пред се’ служи како заштита од магии. Сега може да се сетите на култот на стравот за испуштање на својата душа, нашите влакна се директно поврзани со истиот и на тоа колку големи профитери станаа козметиките фабрики за разни влакна кои го проучија овој мит и го имплементираа во своите производи. 2012 година во Италија, имаше експанзија за лепење на вештачки влакна на палецот на машките стапала, каде што фабриките за производство на влакна пуштија своја нова линија на производи наменета за палците.

Гилгамеш во неговото портретирање има: долга коса, мустаќи и брада, тие не се средени, туку се распуштени. Бидејќи бил многу силен, а силата, секогаш кога сакаш да ја претставиш пред луѓето, ги прикажуваш и скицираш оние групи на мускули кои се најсилни. Сигурно портретирањето на Гилгамешовите мускули е направено на умешен начин. Тој мора да ги открие деловите, со кои ќе предизвика страв, но и обожавања. Можеби со Гилгамеш започнале и Седумте слободни вештини, што подоцна биле применети во Антиката. Значи ако во Гилгамешовото време се родила нишката на аритметиката, сигурно тој и тие луѓе знаеле за пропорции, со тоа, можеме да го препишеме и зародишот на модата како уметност кај Гилгамешовите поданици. Како би го облекле ние нашиот Гилгамеш. Јас од лавовска кожа би му направил облека на тој начин што би му ја оставил едната града гола, долу кожата ќе му ги затскрие гениталиите и ќе му ги истакне силните нозе. Зар овие две години во модниот свет, не продефилира плејада од луѓе со несредени бради и коси и со нагласени мускулести тела?!

Неговите внатрешни манири се исто важни во градењето на еден полн идентитет. Тој секаде ја искажувал својата сила, бидејќи чувствувал страв од несигурност. Средбата со неговиот пријател Енкиду исто резултира со обострана несигурност, бидејќи доаѓа до физичка пресметка меѓу нив. Физичката пресметка, подоцна раѓа нова сигурност. Со Енкидовото физичко губење, конечно испливува вистинскиот страв за сигурноста кај Гилгамеш, а тоа е стравот од смртта. Дали Епот за Гилгамеш, ни покажува дека е напишан од човечка рака и дека човекот воопшто не е изменет, дека сосем е ист, дека размислувал и делувал на ист начин. Можеби овдешното општество, единствениот успех кај еден денешен џентлмен е што го натерал својот мозок да размислува за победи, а со тоа да го истисне просторот на стравот.

 

Автор: Илија Илов

 

Објавено:
21 јануари 2014
Категорија: 
Стил