Откако сублимиравме во однос на креациите, трендовите, шминката и фризурите од њујоршката и лондонската модна недела, следна фаза на која фокусираме се деталите од двете големи модни случувања од презентациите на дизајнерите и брендовите за следната топла сезона од 2015 година. Бидејќи инспирацијата од изгледите на писта се движеше во рамките на спортско-класичните изгледи, по иста траса следствено се надоврзаа и аксесоарите. Обувките, чантите и накитот ја комплетираа визуелната слика за целосните идеи од креациите и создадоа естетика која суптилно ги заобиколи нападните и деликатни додатоци. Па така, можевме да посведочиме на едноставни модели во секој поглед.
За разлика од Лондон, њујоршката модна недела прикажа поминималистичка верзија од повеќето претставувања како и оние специјализираните само за аксесоари. Дека едноставноста е во тренд потврдија со дискретните парчиња накит и чистите линии на обувките и чантите.
Генерално на пистите во „Големото Јаболко“ повеќе се провлекуваа рамните сандали, а високите потпетици се појавија онаму каде што беа неизбежни, тука беа и гумените чизми, кожените текстури и принтовите. Сепак, на толку голем моден настан секој можеше да пронајде нешто по свој вкус.
На Лондон пак, веќе му станаа традиција влечките, а никако не можат да се откажат ниту од таквите комбинирани со чорапи.
Во англиската престолнина отсекогаш постоела доза ексцентричност и воопшто не е изненадувачко што од својата презентација на писта дизајнерката Симон Роша монохроматските изгледи ги заокружи со необични рамни чевли во машка линија, кои ни повеќе ни помалку имаа четки како детали и наликуваа на такви за чистење на подот.
Пистите од Лондон генерално од фокусот го исклучија женствениот чекор на високо, но со достојни замени од префинети парчиња обувки што дефинитивно ќе бидат посакувани поради својата уникатност и секако комфорот кој го овозможуваат.
Доколку се прашувате за чантите и тие не отидоа далеку со инвентивноста и повторно ги видовме оние во средни големи и клач верзиите, а се помалку застапени беа оние вреќастите и предимензионирани модели.
Ако ова лето го обожававме масивниот накит, за следното тој повторно ќе биде присутен но во посмирени форми, додека минималистичките парчиња создадени од тенки синџирчиња во интересни техники ќе бидат оние што поинтензивно ќе се најдат од понудата.
Се на сè, аксесоарите со нивната клучна улога го направија своето, а понатамошната примена останува да ја погледнеме од инспирација на многуте селективни модни консументи од целиот свет.