Аксесоари од лондонската модна недела во кои лудо се вљубивме!

19 февруари 2014

Веднаш откако бевме сведоци на неверојатно добрите модни додатоци што ни ги прикажаа големите дизајнери на модната недела во Њујорк, гламурот се префрли во Лондон каде можевме да видиме подеднакво одлични аксесоари.

Не размислувајќи ниту минута, ќе кажеме дека одличната Софија Вебстер уште еднаш ги освои срцата на нејзините обожавателки со ултра креативната колекција на чанти и чевли во неверојатен колорит. Нејзината палета на аксесоари што ги слават свежите и живи бои, кои ве развеселуваат веднаш штом ќе ги погледнете, е нешто задолжително за вашиот плакар за следната сезона. Таа претстави одлични парчиња чизми до колена за девојките што сакаат да експериментираат, но и тотално нежни, во пастелни бои со парчиња рози за романтичарките.

Sophia Webster

Една од омилените дизајнерки на чанти на војвотката Кејт Мидлтон, Ања Хиндмарк, уште еднаш докажа зошто сите ја обожуваат. Очигледно, за оваа колекција ексцентрични чанти таа црпела инспирација од појадокот – да, добро слушнавте, појадокот!

Anya Hindmarch

Имено, британската дизајнерка на пистата прикажа чанти на кои јасно можеше да се види добро познатиот петел од омилените житарки на Британците. Но, за да ја покаже огромната љубов кон нејзиниот секојдневен појадок, на друга чанта таа го постави и тигарот Тони од Frosties житарките. Покрај овие, таа на пистата го прикажа и сѐ поприсутниот тренд кај девојките, односно носењето на две чанти истовремено, за што мора да признаеме дека изгледа супер тренди.

Anya Hindmarch

Иако не сме сигурни колку војвотката од Кембриџ ќе сака да ги носи овие чанти, сигурни сме дека тие веднаш ќе станат омилени кај трендсетерките.

Кога говориме за чантите, не смееме, а да не ја споменеме колекцијата на моментно најпознатата светска манекенка Кара Делевињ, која им даде свој потпис и печат на чантите од модната куќа Мулбери што се држеше во строга тајност. Таа прикажа одлична почетничка колекција на класични, но истовремено и тренди чанти во нејзините омилени бои и принтови.

Cara Delevingne

Чантите на Бурбери беа за вистинска почит. Покрај тоа што тие ја имаат совршената големина за сите потребни работи на девојките, тие оваа сезона изгледаат и навистина одлично. Во колекцијата, покрај тренди наметките во вид на ќебе со потпис на манекенките што оставија најголем впечаток, кафените кожени чанти со интересни принтови беа подеднакво одлични!

Burberry

Дизајнерот Антонио Берарди имаше одлична колекција на чевли и чизми под и над колена. Скоро сите модели од колекцијата му беа во црна боја и со врвки – нешто за што веќе знаеме дека ќе биде вистински хит следната сезона.

Antonio Berardi

Она за што веќе знаеме дека е вистински хит и од претходните сезони, е металниот ремен во златна боја! Токму таков, можевме да видиме скоро на секој модел од колекцијата на Роксанда Илинчиќ која прикажа одлични парчиња во тотално свежи бои од кои сината преовладуваше.

Roksanda Ilincic

Во колекцијата на секогаш ексцентричната Вивиен Вествуд овојпат можевме да видиме навистина романтични и шармантни модни додатоци. Дизајнерката за следната сезона на девојките им посочува дека со ретро свилените марами, цвеќињата во косата и шик хулахопките ќе бидат вистинска кралица на модата.

Vivienne Westwood Red Label

Објавено:
19 февруари 2014
Категорија: 
Модни додатоци