Ако вашиот гардеробер е полн со облека не значи дека тоа ви е паметен начин во кој сте вложиле пари. Голем дел од облеката жените и девојките, дури и под услов кога веќе не ја носат, не сакаат да се „ослободат“од  неа.

Во поглед на вашите животни и работни навики, на една полица издвојте ги парчињата облека кои ги носите секојдневно. Се што е вишок, ставете го настрана. Еве неколку совети како да се ослободите од гардеробата во вашиот плакар која не ви е во функција и не ја користите.

За почеток, одделете ја облеката која веќе не ја носите воопшто, ама сепак не сакате да ја фрлите. Во оваа група се најчесто парчиња облека од синтетички материјали, извалкани и искинати парчиња и облека која ни е веќе смалена. Доколку пак сте личност која варира со килограмите, зачувајте ги парчињата кои ви се „мали“ или „широки“, зошто може пак да ги искористите, но најдете им соодветно место во вашиот гардеробер каде нема да ви пречат.

Останатиот дел од гардеробата за која знаете да искоментирате „Па ќе ја облечам некој ден....“, не се двоумете веднаш ставете ја во кеси и однесете ја до најблискиот пункт на Црвен Крст или подарете ја на вашите пријателки.

 

Развлечени фармерки

Иако е едно од најпосакуваните и најпопуларните парчиња облека, џинсот после неколку носења знае да ги покаже своите недостатоци. Доколку вашите фармерки имаат откинати гајки, направени „коленици“, излитени ногавици и разресеност, тогаш ослободете се од нив, бидејќи доколку ги носите, во нив ќе изгледате евтино. Ако пак многу си ги „сакате“, тогаш направете шорцеви од нив. Но сепак, ако важите за личност која обожава да носи фармерки, тогаш купувајте квалитетни и проверени брендови, бидејќи на тој начин џинсот ќе можете да го носите подолго време и во повеќе сезони. Подобро е да купите еден пар квалитетен џинс отколку три пара кои после една сезона ќе ги фрлите. Секогаш земајте го предвид квалитетот пред квантитетот.

 

Неон здолништа

Парче од кое исто така ќе треба да се „ослободите“ се макси здолништата во неон бои, кои ова лето послужија како униформа за сите девојки и жени. Експертите беа децидни и кажаа:

„Се што е претерано, станува одвратно, а особено ако е во неонска боја. Покрај тоа, не им стои на сите убаво, а поради тоа што се наметнаа како тренд, немаше кој не ги облече. И ако го додадеме и фактот дека се направени од синтетика и воопшто не се квалитетни, тогаш мора да се убедите себе си дека се што е нова тенденција не мора да го прифатите и ако не ви прилега на вашиот изглед не треба да го носите. Изградете свој моден идентитет и бидете доследни на него“.

Синтетичка долна облека и градник со потпонки

Значи, според експертите најлоша варијанта за избор на долна облека ви е синтетичкиот. Зошто? Пред се, од хигиенски причини, бидејќи ги надразнува интимните делови на телото, а другата причина е од естетки карактер: не изгледате секси во таков модел на долна облека. Најдобро да си купувате памучена долна облека која не мора да чини многу, но важно е да е квалитетна. За градниците со „push up“, експертите беа едногласни: „Фуј“! Нивниот совет е без разлика на големината на вашите гради да си носите градници кои ви одговараат, затоа што така ќе се чувствувате многу поудобно, а и посамоуверено, бидејќи на тој начин се соочувате со проблемот „мали гради“,  па наместо да си создавате комплекси и лажни илузии, прифатете и сакајте го вашето тело такво какво што е.

 

 

UGG чизмите не се за секоја пригода

Во ред е да ги носите по дома, на гости кај сосетката или до продавница, но да излезете во град на кафе, пијалак, состанок или журка, тоа според експертите е навистина недопустливо. И покрај тоа што се крајно удобни и топли, сепак тоа не се чизми со кои треба да ги освојувате градските улици и да ловите машки погледи.

Балетанки - секако, но квалитетни

Лесни, удобни и практични за носење се епитетите кои ги красат балетанките. Најпопуларни се во пролет и во есен и одат со секакви комбинации. Но стилистите предупредуваат да внимавате во изборот. Никако не смеете да купувате чевли од „Кинеските продавници“. Кога купувате било какви чевли морате секогаш да знаете дека тие се многу важен сегмент од вашето секојдневие. Освен тоа што овозможуваат заштита, топлина и удобност, претставуваат подлога и посредник при допирот со тлото. Токму и поради фактот што речиси цел ден го поминувате носејќи обувки тие  мораат да бидат квалитетни. Сигурно не сакате нозете да ви имаат непријатен мирис или уште полошо да „закачите“ некоја габична инфекција само затоа што сте сакале да заштедите некој денар повеќе.

 

Распродажби

Иако попустите од 70 % делуваат примамливо, треба да бидете свесни за една работа: дека на распродажба се ставаат оние парчиња облека кои не можеле да се продадат по регуларна цена од икс причини. Доколку не најдете навистина добро парче облека кое е на попуст, тогаш сите оние распродажби едноставно игнорирајте ги. Ако пак имате потреба да се подновите со некое ново парче облека, тогаш ѕирнете ги новите колекции кои веќе прстигнаа во продавниците. Немојте веднаш да се фрлите на шопинг, туку одбирајте внимателно. Бирајте класични парчиња облека во бои кои се складни со вашиот изглед.

 

Според истражувањата купувањето облека неконтролирано само заради задоволување на желби, каприци или затоа што е на попуст , се покажало како крајно нефункционално, бидејќи на крај имате парчиња облека во вашиот гардеробер кои никогаш нема ни да помислите да ги облечете, а сте потрошиле пари и време на нив. Сигурно не сакате да бидете во загуба. Исто така, важен момент кога купувате, е да водите сметка за материјалите од кои се направени парчињата облека. Точно дека сите не можеме да си дозволиме да купиме високо квалитетна и брендирана гардероба, но ако си направите добар план, добра организација на вашиот плакар и добра распределба на вашите финансиски средства, ќе имате нова облека и изглед кој од секогаш сте го посакувале.

 

Објавено:
14 септември 2013
Категорија: 
Модни додатоци