Да се биде ѕвезда во Холивуд не е лесна работа, иако нам на обичните луѓе ни се чини дека тоа слатко задоволство во кое уживаат познатите. Успешната кариера не е гаранција за едноставен, мирен, спокоен и богат живот. Голем дел светски познати личности заради свои лични причини и желби многу пати досега исполнувале „работни задачи“ кои на некој начин им биле наметнати. Тоа вообичаено го прават за да го задржат своето место во шоу бизнисот, за поголема слава, но и од желба. Според споделените искуства на голем дел од нив да се биде заштитно лице на некој нов парфем или колекција на ултра познат бренд или модна куќа е навистина тешко. Меѓутоа она што можеби ен најтешко во целата ситуација е да се биде дизајнер, односно лично да се учествува во креирањето на некоја колекција накит, облека или модни додатоци.
Дека светските ѕвезди знаат да бидат креативни и талентирани докажува и следната листа на славни личности кои направиле напори да дизајнираат свој сопствени колекции особено на накит и со тоа да се вбројат во низата на најуспешните.
„House of Harlow 1960“ - Никол Ричи
Брендот за накит на Никол Ричи е лансиран во 2007 година и е дефинитивно еден од најуспешните брендови за накит со годишна заработка од неколку милиони долари. Мешањето на ретро гламурот на 1960-тите и бохо – шик стилот, Никол успеа да го претвори својот сензибилитет во многу профитабилен бизнис, за што списанието „Гламур“ во 2010 година и ја додели наградата „Претприемач на годината“.
„Wildlife“ – Хајди Клум
Домаќинката на мега шоуто „Project Runway“, докажа дека манекенството не е единствената сфера во која таа одлично се снаоѓа. Всушност малкумина знаат дека токму Хајди Клум е сопственик на брендот за накит „Wildlife“, кој исклучиво може да се купи он лајн. Неговиот елегантен дизајн и пристапни цени ја претворија етикетата во успешен бренд.
„Kardashian Kollection“ – Клое, Кортни и Ким Кардашијан
Сестрите Кардашијан се успешни на дизајнерско поле. Тие имаат создадено своја мала модна империја која вклучува и дизајни на накит. Нивната линија накит е целосно во духот на американската култура и стил. Необично модерен и трендовски за сите кои не се плашат да носат храбри и смели комбинации.
„Style of Jolie“ – Анџелина Џоли
Додека целта на повеќето ѕвезди кога создаваат колекции накит е секако заработувачката, Анџелина Џоли не се согласува со нив. Нејзиниот дизајнерски бренд за накит „Style of Jolie“, средствата од продажбата на парчињата ги донира во сите хуманитарни институции на кои им е потребна помош.
„Ivanka Trump Jewelry“ – Иванка Трамп
Меланија Трамп, сопругата на еден од најбогатите луѓе во светот, Доналд Трамп, има своја линија на накит, но нивната ќерка Иванка Трамп направи права сензација во бизнисот за накит. Комбинирајќи ја класичната инспирација со модерните линии, „Ivanka Trump Jewelry“, колекцијата е една од најпосакуваните и најдобро продаваните секоја година. Нејзините парчиња се уникатни и во изработката вклучуваат дијаманти, скапоцени камења и бисери.
„One Kiss“ – Синди Крафорд
Колекцијата накит „One Kiss“ на Синди Крафорд беше лансирана во 2010 година и многу брзо стана една од најпосакуваните линии накит насекаде низ светот. Крафорд сама ги дизајнира парчињата накит кои се комбинација од срма и злато.
„Ke$ha Rose“ – Кеша
Кога Кеша реши да создаде линија накит, таа сакаше на пазарот да понуди гламурозни модели кои ќе бидат украсени со природни камења. Заедно со златарот Чарлс Алберт, тие го создадоа брендот „Ke$ha Rose“кој вклучува навистина масивни, специфични и богати парчиња накит.
„CH + KH“ – Кејт Хадсон
Дизајниран од страна на Кејт Хадсон и нејзината пријателка Лин Старк, брендот за накит „CH + KH“ е целосно во знакот на бохо стилот и луксузниот изглед. Според многумина ова е исто така успешен бренд каде како најпосакувани се издвојуваат дијадемите кои се чест избор на идните невести. Хадсон не се откажува од дизајнерството, а потврда за тоа е и новата соработка со брендот „Chrome Hearts“, со кој наскоро ќе ја лансираат колекцијата на очила за сонце.
„Grayce“ – Моли Симс
Моделот и актерката Моли Симс ја создаде својата прва колекција накит која може да се купи само он лајн на „Home Shopping Network“. Таа своите дизајни ги доживува како кул и шик парчиња кои со сигурност би го обоиле урбаното секојдневие на секоја девојка.
„Jewelmint“ – Кејт Босфорт
Една од најдобрите колекции за накит дизајнирана од славна личност е „Jewelmint“ на Кејт Босфорт која претставува спој на винтиџ парчиња со модерен призвук. Поради успешното менаџирање на брендот за накит, Босфорт ја прошири линијата и со дизајнирање на модни додатоци и чанти.