Луј Витон ја издаде петтата луксузна колекција накит

11 јули 2014

На секои две години францускиот производител на луксузен накит Луј Витон ги радува своите клиенти со креирање на специјална рачно изработена колекција на парчиња накит.

За време на модната недела во Париз дизајнерите на накит и модните куќи имаа можност да ги презентираат своите креации и мајсторски вештини. Сепак, симпатиите на посетителите ги освои специјалната колекција на модната куќа Луј Витон која практикува на секои две години да издава по една луксузна линија накит. Првата ваква гламурозна колекција накит,  брендот ја презентираше во 2004 година, а осум години подоцна отвори свои продавници за накит и часовници ширум светот.

Петтата колекција е насловена „Acte V“ и е целосно во духот на Арт Деко стилот, каде секој вметнат скапоцен камен се совпаѓа со конфигурацијата на V-формата. Водечкото парче на колекцијата е алката за рака чија основа е изработена од црн опал, а потоа е украсена со дијаманти кои ја формираат V-формата и наликуваат на логото на куќата. На крајот алката е декорирана со смарагден зелен камен во облик на солза поставен наопаку.

Дизајнот на накитот е прецизна игра на геометриски фигури, чии форми хармонично се сплотуваат и зрачат со уникатност и квалитет. Особено впечатливи се асиметричните облици на ѓерданите и обетките украсени со скапоцени капки солзи. Покрај смарагдот, опалот и дијамантите, мајсторите користеле и рубини, портокалов и син сафир, топаз и кристални камења.

 

Објавено:
11 јули 2014
Категорија: 
Модни додатоци