Модната куќа Клое за претстојнава сезона реши инспирацијата да ја црпи од графичките форми, колор блок нијансите и задебелите потпетици на чевлите кои беа актуелни во 80-тите. Храбар чекор и во поглед на миксот на боите, пригушено розовата, бежовата, зелената, кралско сината во комбинација со црната, портокаловата, жолтата и златните додатоци за да се долови финалниот изглед на совршено сработените ремек дела. Она што остава без здив се парчињата накит кои се одликуваат со масивност и златни нијанси, а кои исто така ги следат графичките линии на чантите и чевлите. Линијата се одликува со префинетост и софистицираност, сон на секоја жена чии главни атрибути се женственоста и елеганцијата.
Салваторе Ферагамо пак за разлика од Клое направи спој на две колекции, едната наменета за жени, а другата за мажи. Италијанскиот бренд за жените лансираше луксузна колекција придружува од чудесни парчиња накит, вклучувајќи ја и иконската „Софија“ чанта која е изработена во чест на познатата актерка Софија Лорен, а за прв пат беше промовирана на Модната недела во Милано во 2009 година. Линијата за жени вклучува, балетанки, ниски обувки, чевли со висока потпетица, чанти, марами и накит. Боите кои доминираат се портокаловата, жолтата, темно виолетовата, црната, зелената, комбинирани во колор блок варијанти но во контрастни миксови на нијанси, исто така придружувани од златни додатоци кои како што видовме ќе бидат модерни и тренди за оваа сезона.
Машката линија пак вклучува чевли, чизми до глужд, паричници, вратоврски, ремени и чанти во помала и поголема големина. Боите кои доминираат кај мажите се стандардни и класични, кафена, црна, тегет и сива. Кај вратоврските можеме да забележиме бледа жолта боја со ситен дезен во плаво-сиви нијаси, кои треба да го обојат темниот изглед на вашето модно секојдневие и да му дадат живост.
Епа, драги читатели ви ги откривме перформансите на двете колекции, ваше е да ја погледнете галеријата која и визуелно ќе ви го долови она кое го напишавме погоре и да се одлучите кој модел е оној кој најдобро се вклопува во вашиот моден идентитет.