Ова се најубавите модни детали од црвениот килим на Мет Галата

7 мај 2014

Познатите дами добро знаат дека сѐ е во деталите! Токму тоа го докажаа и оваа година кога на црвениот килим на Мет Галата се појавија со беспрекорно одбрани аксесоари кои што совршено ги надополнија нивните и онака супер комбинации.

Погледнете за какви детали се одлучија овојпат холивудските убавици и инспирирајте се доколку пред вас е некој важен настан.

Сара Џесика Паркер дефинитивно имаше една од најгламурозните тоалети оваа година, но таа не заборави да им посвети соодветно внимание и на деталите. Популарната Кери Бредшо својата фризура ја украси со цветен аранжман, додека за на рацете одбра високи бели ракавици. Елегантниот украс на рацете таа го направи уште поинтересен, додавајќи аксесоар од бисери и дијаманти. Актерката навистина знае како да привлече внимание.

Како и секогаш, така и овојпат од Рита Ора се очекуваше да изненади со интересна и невообичаена комбинација. Таа на црвениот килим се појави во долга тоалета во златна боја, а она што остави најголем впечаток беа чевлите со ремчиња до над колената. Длабокото деколте на тоалетата во комбинација со ваквите чевли направи сите фотоапарати да бидат вперени кон Рита!

Криси Тејген на црвениот килим го привлече сето внимание кон себе поради неколку причини. Таа се појави во сребрена тоалета која што откри голем дел од нејзините гради, но таа не заборави ниту дека деталите се многу важни. Затоа, таа се одлучи за прекрасна впечатлива бразлетна и невообичаен прстен.

Кејт Аптон својот најдобар и најпрепознатлив аксесоар – градите, ги украси со доста впечатлив накит. Оваа раскошна убавица се одлучи да биде малку поинаква, па одбра дијамантски накит во комбинација од праска и зелена боја. Обетките и ѓерданот беа апсолутно совршени, но венчето во црна и темнозелена боја што таа го имаше на главата едноставно беше премногу!

Ријана не е позната по суптилноста, па така и овој пат се одлучи за екстравагантен накит. Таа одбра блескави прстени кои што одлично се вклопија со нејзината бела тоалета и секако – со одличните тетоважи на рацете!

На црвениот килим на Мет Галата во малку поинакво, но сепак уникатно издание, се појави и прекрасната Лупита Нјонго, која овојпат се одлучи за „племенска“ тоалета од Прада надополнета со одлично венче во слична боја поставено преку челото.

Во продолжение во галеријата, погледнете ги и останатите девојки кои на Мет Галата ни оставија најголем впечаток со својот избор на модни додатоци.

Објавено:
7 мај 2014
Категорија: 
Модни додатоци